Идната година студентите ќе се вселат во гланц новиот Кузман
Во текот на следната година ќе започне сместувањето на студентите во реконструираниот студентски дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во центарот на Скопје. Ова беше најавено денеска при увидот во градежните активности од страна на министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и премиерот Христијан Мицкоски.
Домот се реновира од минатата пролет во рамки на проектот финансиран од Европската Унија преку Германската развојна банка, кој опфаќа реконструкција на вкупно девет студентски домови во државата. Во првата фаза влегуваат „Кузман“ и „Стив Наумов“, а до крајот на мандатот на Владата се очекува целосна реконструкција и на домовите во Охрид, Штип, Прилеп, Битола и сите преостанати капацитети во Скопје.
Министерката Јаневска истакна дека реконструкцијата е темелна – освен градежните работи, вклучува и обновување на инсталациите, поставување фотоволтаични панели, воведување паметна регулација на осветлувањето и греењето, како и адаптација на простории за студенти со посебни образовни потреби.
„Целта е студентите конечно да добијат нормални, а не супстандардни услови за живеење и учење“, рече Јаневска, додавајќи дека досега се обезбедени 30 милиони евра од вкупно потребните 51 милион за сите фази.
Премиерот Мицкоски го нарече проектот „долгоочекуван“, кој бил заглавен во административни процедури. „Ова е конкретен пример за тоа како Владата не гради само политики, туку и вистински објекти кои им го подобруваат животот на граѓаните“, изјави тој, уверувајќи дека новите соби ќе бидат според европски стандарди.
И додека траат реновирањата, студентите што ги исполнуваат условите за сместување ќе бидат згрижени во ученички домови, како што беше и во претходната академска година.
Проектот се очекува да го подигне квалитетот на студентскиот стандард и да обезбеди достоинствени услови за живот и учење на идните генерации.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа