Хрватска побара од Грција да ги ослободи невините навивачи

 

На денешната седница во Владата на Хрватска, премиерот Андреј Пленковиќ кажа дека дивеењето и хулиганството на група навивачи на Динамо Загреб минатата недела во Атина и хаосот во кој беше убиен навивач на грчки АЕК претставува негација за спортот и го нарушува угледот на Хрватска, и затоа секој ваков потег мора да биде осуден. Но, вели дека не е можно сите 100 осомничени да бидат подеднакво одговорни за немирите и затоа ги повика грчките власти да ги депортираат невините навивачи што е можно поскоро.

„Без да ја прејудицирам вината, изразив сочувство за смртта на навивачот на АЕК. Побарав од премиерот да ја осигура безбедноста на нашите граѓани во затворските институции. Второ, процесот да биде фер, брз и ефикасен. Со оглед на тоа што не е реално сите 100 осомничени да се подеднакво одговорни за немири, предизвикување повреди и уништување, оние за кои ќе се утврди дека не се, што поскоро да бидат депортирани во Хрватска“, рече Пленковиќ.

Тој кажа дека хрватската полиција навремено ги информирала своите колеги од Грција за пристигнувањето на навивачите и кажа дека хрватските служби ќе комуницираат со грчките власти и ќе дадат дополнителна поддршка, било за медицинска помош или за некои други потреби.

„Нашата дипломатија, МВЕП (Министерството за надворешни и европски работи) и другите се целосно ангажирани. Во постојана комуникација сме на премиерско и министерско ниво. Ќе се стремиме максимално да ја исполниме нашата уставна обврска, а тоа е заштита на хрватските државјани и обезбедувањето конзуларна и правна помош“, изјави Пленковиќ.

17.08.2023 - 18:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега