Гугл ги брише сите стари кориснички сметки во петок
Од 1 декември, Гугл ќе ги избрише сите стари и неактивни Гугл сметки, односно оние што не биле користени најмалку две години. Така, е-поштата, односно гмаил и другите содржини, како што се фотографиите, записите во календарот, контактите и документите од дискот, ќе бидат избришани, во согласност со новата политика на компанијата. Чистењето на целиот систем има за цел да ги заштити корисниците од безбедносни закани, како што се спам, фишинг измами и кражба на сметки, објаснува Гугл.
Гугл ги брише неактивните сметки од својот систем бидејќи, како што велат, „поголема е веројатноста да бидат компромитирани“. Ненадгледуваните сметки често се потпираат на стари или повторно употребени лозинки, имаат помалку безбедносни проверки од корисниците и имаат 10 пати поголема веројатност да немаат поставено двофакторна автентикација, покажуваат внатрешните податоци на Гугл.
Кога сметката е компромитирана, „може да се користи за се, од кражба на идентитет до спам или дури и злонамерна содржина“, се вели во соопштението на компанијата за промената на политиката.
Гугл ќе започне со укинување на неактивни сметки на 1 декември 2023 година, според известувањето што тие самите го објавија на страницата. Ќе започне со елиминирање на сметките што луѓето ги создале, а потоа никогаш повеќе не ги посетиле.
Според новата политика на Гугл, „ако сметката на Гугл не била користена или најавена најмалку 2 години, сметката и нејзината содржина, вклучително и содржината во Гугл Воркспејс (Гмаил, Докс, Драјв, Мит, Календар) и Гугл Фотос“ можат да бидат избришани.
Сепак, новите правила важат само за личните сметки на Гугл, што значи дека училишните или работните сметки не се засегнати. Дополнително, Гугл нема да ги отстрани сметките што прикачувале видеа на Јутјуб или имаат активни претплати на апликации или услуги за вести, според новата политика на компанијата.
Пред бришењето, корисниците ќе добијат „повеќе известувања“ дека нивните сметки ќе бидат укинати пред тоа навистина да се случи, се вели во соопштението на компанијата.
Секој со стара сметка што сака да спречи нејзино бришење може да се најави и да користи една од алатките на компанијата, како што се Гмаил, Гугл Драјв, Гугл Фотос и Гугл Плеј.
Дејствата што ќе му сигнализираат на Гугл дека е активен вклучуваат читање или испраќање е-пошта, користење на Гугл драјв, гледање видеа на Јутјуб, преземање апликација од продавницата на Гугл Плеј, користење на Гугл Срч, користење најава на Гугл за пристап до апликација од трета страна или услуга.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа