Фрчат откази во Нисан: Компанијата кризира

 

Јапонскиот производител на автомобили Нисан планира значително намалување на работната сила. Ројтерс објави дека компанијата планира големи кратења, вклучувајќи укинување на 9.000 работни места и намалување на глобалниот производствен капацитет за 20 отсто.

Намалување на трошоците и пад на продажбата

Кратењата нема да ги погодат само работниците во производствените капацитети. Според извештајот на Њујорк Тајмс, извршниот директор на Нисан, Макото Учида, ќе ја намали месечната плата за 50 отсто.

Како трет по големина јапонски производител на автомобили, Nissan мора да ги намали трошоците за 2,6 милијарди долари оваа фискална година. Компанијата ја ревидираше својата годишна прогноза за профит, намалувајќи ја за 70 отсто, поради тешкотиите во продажбата на автомобили во земји како Кина и САД „каде што нема доволно хибридни модели на понуда“. Глобалната продажба на Нисан падна за 3,8 отсто во првите шест месеци од фискалната година, со пад од 14,3 отсто во Кина и 3 отсто во САД.

 

Во соопштението за медиумите, Нисан наведува дека презема „итни мерки за подобрување на перформансите“, покрај намалувањето на бројот на вработени. Компанијата планира да воведе енергетски ефикасни возила во Кина, како и plug-in хибриди и e-POWER возила во САД. Засега единствените електрични автомобили што ги нуди Нисан се моделите Leaf и Ariya.

11.11.2024 - 20:17

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега