Формирањето Локален младински совет Тетово - можност за надминување на јазот меѓу младите и институциите

По основањето на локалниот Младински совет при Општина Тетово, локалната самоуправа ја посетија претставници на Клубот за младински прашања и политики во Собранието и Институтот за добро управување и евроатлански перспективи (ИДУЕП) како дел од иницијативата „Младите во фокусот“. Основањето на Младински совет е согласно Законот за младинско учество и младински политики, а Општината веќе размислува за повеќе законски решенија кои се однесуваат за младите.

-Во тек е изработката на стратегија, програма за работа, како и определување на посебни простории и обезбедување на законски определениот буџет од 0,1 процент со цел непречено функционирање на локалниот Младински совет во Општина Тетово. И покрај наследениот долг, како Општина правиме сѐ за да ги поддржиме младите од Тетово и да овозможиме нивно вклучување во работата на локалната самоуправаВо делот на дигиталната трансформација на услугите на локалната самоуправа, Општина Тетово го спроведува проектот „Иновативни дигитални општински решенија во општина Тетово“, кој е кофинансиран од страна на Европската Унија во рамки на Програмата „ЕУ за општините“ и има за цел да поддржи одржливи дигитални решенија и пракси на локално ниво, информираше градоначалникот на Тетово Биљал Касами.

Пратеничката и координаторка на Клубот за младински политики при Собранието, Моника Зајкова го поздрави основањето на Младинскиот совет, нагласувајќи дека како собраниско тело редовно ја следат имплементацијата за Законот за младинско учество.

-Заедно со другите пратенички и пратеници од Клубот констатиравме дека процесот не се одвива со најпосакуваната динамика, дека само околу 30 општини имаат формирано вакви совети, а во дел од нив тие функционираат и само како проформа. Свесни сме и дека дел од општините не се во добра финансиска кондиција, па токму тука размислуваме и за одредени законски измени кои ќе овозможат на младите луѓе на локално ниво да го добијат законскиот буџет за младинско организирање и функционирање, посочи пратеничката и координаторка на Клубот, Моника Зајкова.

За подобра имплементацијата на Закон за младите Зајкова и Касами дебатираа за отворање на посебна буџетска сметка за локалните младински совети, финансирање од страна на централната власт наместо од страна на дел од општините, можности за регионално здружување на дел од општините со цел заедничко реализирање на нивните законски обврски, како и поголема поддршка за младинското организирање на локално ниво од страна на Агенцијата за млади и спорт.

Во рамки на средбите во Општина Тетово, од страна на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) и Евроатлантскиот совет како граѓански организации беше понудена и конкретна поддршка за локалниот Младински совет.

- Ние како граѓански организации ќе ја дадеме нашата конкретна поддршка и тоа за почеток во рамки на изработката на стратегијата и програмата за работа на локалниот Младински совет, како и во насока на организирање на заеднички настани кои ќе привлечат млади луѓе од различни универзитети да започнат со работата, но и да се  приклучат на младинскиот Совет. Само со привлекување на поголем број на млади луѓе да се вклучат во процесите на одлучување на локално ниво, може да се намали бројката на млади кои секојдневно купуваат билет во еден правец кон аеродромот во Скопје, посочи комуникологот и претседател на ИДУЕП, Бојан Кордалов.

 

Во рамки на иницијативата „Младите во фокусот“ беше одржана и кратка интерактивна обука наменета за дел од младинските организации од Тетово на тема „Info vs. Disinfo“. Исто така беше промовиран и „Прирачникот за дигитална трансформација кон е-општини“ кој е издаден од страна на ИДУЕП и Фондацијата „Фридрих Науман“. На крајот од посетата  беше остварена и посета на Центарот за младински активизам во Тетово. 

07.02.2023 - 10:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега