Фон дер Лајен во Приштина: Косово да ги формира ЗСО, Србија де факто да го признае
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска ги повика Косово и Србија да работат на нормализација на односите, барајќи од Приштина да ја покрене процедурата за формирање Заедница на општини со српско мнозинство (ЗСО), а од Белград да го прифати де факто признавањето на независноста на Косово, со оценка дека тоа е единствениот начин да се оди напред.
По средбата со косовската претседателка Вјоса Османи во Приштина, Фон дер Лејен изјави за новинарите дека утре ќе отпатува за Подгорица и Белград, каде што „ќе разговара за чекорите што Србија треба да ги преземе за де факто признавање“ на независноста на Косово.
Ова барање, Белград да испорача де факто признавање на независноста на Косово, а Приштина да ја покрене процедурата за формирање на ЗСО, во заедничката изјава во петокот го изнесоа лидерите на Германија, Франција и Италија, Олаф Шолц, Емануел Макрон и Џорџа Мелони пренесуваат српските медиуми.
Фон дер Лајен изјави дека ЕУ е „многу посветена на иднината“ на Западен Балкан и посочи дека Европската комисија има план да инвестира 30 милијарди евра во тој регион.
Претседателката на Европската комисија, која во Приштина дојде од Скопје, рече дека либерализацијата на визниот режим за граѓаните на Косово претставува „нов моментум“ во односите меѓу ЕУ и Приштина.
„Се сеќавам дека минатата година баравме визна либерализација, а сега можам да кажам дека успеавме. Од 1 јануари граѓаните на Косово можат да уживаат во слободното движење. Ова е фантастичен начин да се зближат луѓето“, изјави Фон дер Лајен.
Косовската претседателка Вјоса Османи изјави дека во фокусот на нејзината средба со Фон дер Лајен бил планот на ЕУ за раст на Западен Балкан, кој неодамна го презентираше претседателката на Европската комисија и додаде дека разговарале и за „најновите случувања во Косово“ и обврските на Приштина.
Османи рече дека Косово е подготвено да го направи следниот чекор „кон европската иднина, за која работи секојдневно“.
Фон дер Лајен во Приштина ќе се сретне и со премиерот Албин Курти, утре ќе ги посети Подгорица и Белград, а во среда во Сараево ќе ја заврши турнејата по Западен Балкан. Таа ја посети Албанија на 15 и 16 октомври, кога се одржа самитот на Берлинскиот процес во Тирана.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа