Филипче: ВМРО го уништи нашиот систем - сега граѓаните може да видат колку потешко се живее

 

2024 година беше обележана со целосно неконтролирани покачувања на цените во маркетите, кои претставуваа директен удар врз џебот на македонските семејства. Наместо да реагира и да ја заштити куповната моќ на граѓаните, Владата на ВМРО-ДПМНЕ дозволи овој „грабеж“ да се одвива пред нејзините очи, со целосна поддршка и пасивност на премиерот Христијан Мицкоски, вели Филипче во интервју за Независен. 

„Се проценува дека десетици милиони евра се одлеани од џебовите на граѓаните во интерес на големите трговски синџири,“ истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Тој додаде дека платите, кои постојано растеа седум години по ред додека СДСМ беше на власт, сега стагнираат, а цените секојдневно растат.

„Разликата меѓу приходите и трошоците на граѓаните никогаш не била поголема. Ова е јасен показател за неспособноста на Владата да управува со економијата во интерес на граѓаните. Наместо да создаде економска стабилност, Владата ги фаворизира интересите на малцинството – на бизнисите кои профитираат на штета на обичните граѓани,“ потенцира Филипче во интервју за „Независен“.

„Не треба да заборавиме дека СДСМ ја водеше државата низ еден од најтешките економски периоди во модерната историја, кога економиите низ целиот свет се соочуваа со криза и колапс. Во такви услови, успеавме да го заштитиме стандардот на граѓаните со искрени и одговорни политики кои беа насочени и кон работниците, но и кон компаниите. Зачувавме десетици илјади работни места и покажавме дека нашата главна цел е секој граѓанин да биде економски заштитен.

Од денешна перспектива, станува јасно колку нашите политики беа суштински различни од сегашните на ВМРО-ДПМНЕ и верувам дека дури сега граѓаните ќе препознаат колку сме вложиле во нивниот стандард. Нашите мерки беа насочени кон граѓаните, додека политиките на ВМРО-ДПМНЕ се целосно насочени кон богатење на елитите. Едноставно е неверојатно дека денес, кога сите големи економски кризи се зад нас, Владата на ВМРО-ДПМНЕ на „чист економски терен“ спроведува политики што буквално ги осиромашуваат граѓаните.

За жал, СДСМ можеби не успеа доволно да го комуницира концептот на системски раст на платите и пензиите што го воспоставивме. Седум години работевме на создавање модел на деполитизиран и одржлив економски раст преку јасна методологија. Тоа значеше дека платите, пензиите и социјалната помош ќе растат независно од тоа кој е на власт. Ова беше вистинска реформа, вистинска деполитизација.

 

И што направи Мицкоски? Едноставно го уништи тој систем. Наместо одржлив раст заснован на јасни правила, сега се враќаме на праксата на изборно купување гласови. Пензии и плати ќе се покачуваат само кога ќе му биде политички удобно, без никаква методологија или систем. Тоа го направи со пензиите, и тоа ќе го прави со платите. Ова е клучното економско назадување што го видовме во овие седум месеци.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ не само што не ги исполни своите ветувања за подобрување на животниот стандард, туку ја доведе државата во економска несигурност. Платите стагнираат, куповната моќ на граѓаните се намалува, а политиките на Владата се сведуваат на служење на тесни бизнис интереси - вели Филипче

09.01.2025 - 09:56

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега