Филипче: СДСМ го обновува членството - завршуваат општинските конференции за избор на делегати

 


Претседателот на СДСМ, Венко Филипче синоќа во интервју за Клик Плус говореше за внатрепартиските реформи и активности пред Конгресот на СДСМ што ќе се одржи во ноември. Тој истакна дека согласно утврдените рокови, општинските изборни конференции за избор на нови делегати на Конгресот ќе завршат кон крајот на месецов. 

Процесите на избор, партијата ги реализира во соработка со меѓународни институции и фондации, со цел да се обезбедат квалитетни кандидати и да се почитуваат соодветните критериуми.

„Сега до некаде крајот на месец октомври околу 20ти октомври завршуваат сите општински изборни конференции на коишто се избираат нови делегати на конгресот со оглед на тоа што мандатот на сегашните делегати веќе истекува и ќе се предложат нови членови на централниот одбор. И тој процес кога ќе заврши, ќе следи анализа на сите пријавени, а тоа е еден процес што го работиме заедно и со меѓународни институции и фондации коишто ни помагаат да на што подобар начин избереме поквалитетни луѓе со почитување на соодветни критериуми за тој избор. На почетокот на ноември ќе го етаблираме новиот конгрес на партијата на којшто ќе биде избран и новиот централен одбори од којшто ќе потекнува понатаму и целокупното останато раководство на партијата извршниот одбор и потпретседателите“-рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Претседателот на СДСМ, истакна дека во СДСМ се посветени на консолидирање на редовите, процес кој што се одвива постепено, со многу анализи на луѓето кои ќе се активираат на раководните функции во општинските организации. 

„Ова бара многу разговори и состаноци и е процес кој бара поширок консензус. Во бројни состаноци коишто се одвиваа во изминатиот период апсолутно една од главните теми е тоа и ние од тоа ги извлекуваме поуките односно научените лекции и тоа што јас го правам во разговорите со сите партиски другари е имплементирање на тие лекции во нашиот внатрепартиски систем“-истакна Филипче за Клик Плус.

 

04.10.2024 - 09:51

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега