ДЗР: Отсуствува систем за користење на ЕУ фондовите за кофинансирање стратешки проекти

 

Отсуствува систем за користење на ЕУ фондовите за кофинансирање на стратешки проекти, констатира Државниот завод за ревизија по извршената ревизија на успешност на тема „Процес на добивање и користење на средства од Инструментот Инвестициска рамка на Западен Балкан (WBIF)“ согласно Годишната програма за работа со цел да се даде одговор на прашањето: „Дали е дизајниран ефикасен и ефективен систем за добивање на средства за Инструментот WBIF – „Инвестициска рамка на Западен Балкан?”.

Целта на  „Инвестициската рамка на Западен Балкан – WBIF“, како што информираат денеска од ДЗР, е да го зголеми капацитетот на регионот на Западен Балкан за финансирање на клучните инфраструктурни и приоритетни инвестиции во согласност со приоритетите за пристапување и да ја подобри севкупната координација на помошта.

-Поради улогата на WBIF во ИПА III во насока на поголема апсорпција на средства и поради значајноста на финансиска помош на ЕУ за Западен Балкан определена во Економскиот инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан во износ од 9 милијарди евра, за регионални проекти во вредност од 20 милијарди евра, се наметнува обврска да се дизајнира поефикасен и економичен систем за користење и добивање на средства преку WBIF со национална правна рамка во која јасно се регулира улогата и надлежностите на сите институции кои се вклучени во процесот, се наведува во соопштението од ДЗР.

Промена на политиката на финансирање на проектите со буџетски средства или јавно приватно партнерство, како што посочуваат од ДЗР, предизвикува губење на одобрени грант средства за техничка помош и неможност да се кофинансираат проектите со инвестициски грантови преку WBIF, кое што има влијание на ефективна примена на овој инструмент.

-Европската Унија доделува средства за кофинансирање на инфраструктурни проекти за техничка помош и инвестициски грантови со објавување на повици за аплицирање. Според податоците добиени од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), а објавени на веб страната на WBIF, со WBIF финансирани се проекти во Република Северна Македонија во вкупна вредност од 2.6 милијарди евра, за кои одобрени се 43 грантови во вредност од 421,8 милион евра, односно 391,9 милиони евра за инвестициските грантови и 29,9 милиони евра за техничка помош, се наведува во соопштението од ДЗР.

Оттаму посочуваат дека на крајот на јули 2022 година во рамките на шестиот инвестициски повик во кој се одобрени 576 милиони евра од Европската Унија за првите проекти за спроведување на Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан, за Република Северна Македонија одобрени се 230 милиони евра, односно 40 отсто од вкупните средства.

-Република Северна Македонија од 2009 година до 2022 година аплицирала на дваесет и осум (28) повици за техничка помош и седум повици за инвестициски грант, а од нив и се одобрени инвестициски грантови во вредност од 385 милиони евра за дванаесет проекти. За најголем дел од проектите не е започната инвестицијата, не се склучени договорите за грант и има застој во однос на планираната динамика на реализација, велат од ДЗР.

Според ревизорите, доколку не се завршат проектите и не се во употреба во предвидениот рок постои ризик од губење на грант средства или создавање на обврски за враќање на инвестицискиот грант. –
Системот за добивање на средства преку WBIF нема јасно дефинирана правна и  институционална рамка со надлежни институции и тела, соодветна национална правна рамка за  користење на WBIF, а единствената листа проекти не дава јасна слика за стратешки најважни и „зрели“  проекти во услови на ограничен фискален простор за задолжување, се наведува во соопштението.

Во 2015 година формиран е Национален инвестициски комитет и Единствена листа на проекти со што Република Северна Македонија како земја корисник ги исполнила условите за учество во повиците за инвестициски грантови.

-Со ревизијата се утврди дека поради условот за апликација на проекти кои се финансираат со заеми од официјални кредитори, не се врши  приоретизација на проектите  со кои се аплицира, посочуваат од ДЗР.

Оттаму нагласуваат дека Националниот инвестициски комитет е одговорен за формирање на Единствената листа на проекти, но нема надлежност да прави селекција на проекти за апликација на повиците за  добивање на техничка помош и инвестициски грант.  Крајните корисници поднесуваат  поединечни апликации кои ги одобрува Владата на Република Северна Македонија, пред да се поднесе до Европската комисија.

-Република Северна Македонија аплицирала со четири инвестициски проекти и ја добила поддршката за сите проекти и тоа за: изградба на источен Коридор VIII (трета фаза) во износ од 155 милиони евра, пречистителна станица Скопје во износ од 70 милиони евра и изградба на фотоволтаични централи Осломеј I, Осломеј II и Битола во износ од 6,7 милиони евра, се наведува во извештајот објавен од ДРЗ.

25.01.2023 - 12:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега