Две третини од идните средношколци запишани во стручните училишта

Средното стручно образование е поатрактивно за упис на идните средношколци, отколку гиманзиското. Во првиот уписен рок за учебната 2024-2025 година соодност на запишани ученици е околу две третини, наспроти една третина, односно 73,8 отсто се запишани во  стручните училишта, а само  26,2 отсто во гимназиите во земјава.

 -Во двете пријавувања вкупно се запишаа 15.481 ученици, од кои 11.428 ученици во стручно и 4.652 во гимназиско образование, велат за МИА од Министерството за образование и наука (МОН).

Анализите и податоците на Центарот за стручно образование и обука покажуваат дека неколку години наназад за учениците примамливо е дуалното образование, со кое е предвидено освен теорија и практична настава во компаниите, образование кое го бара домашниот бизнис сектор, но и европскиот пазар на труд. Директорот на  Центарот за стручно образование и обука, Шериф Мифтари лани на 31 мај во изјава за медиумите во Штип посочи дека 69 проценти од учениците во прва годинава во земјава  за учебната 2023-2024 година се запишани во стручните училишта.

Но, поголем дел од родителите и средношколците запишани во  стручните училишта веќе се со планови, по добиената диплома за машински електро-техничар, келнер, готвач, медицинска сестра, забен или фармацевстски техничар, физиотерапевт да заминат во странство. Кристина П. родител на Никола, кој во првиот уписен рок се запиша во едно од стручните училишта во Штип за МИА вели дека нејзиниот син го избрал стручното образование, бидејќи по четири години веднаш може да се вработи во земјава, но и во странство. Нејзиниот сопруг и поголемото дете веќе работат во Хрватска, таму живеат околу три години.

-Јас сум шивачка,работам на машина, откако Никола ќе заврши средно планираме и ние двајцата да заминаме во Хрватска, каде што без проблем ќе најде работа на неговата струка. Но, здрави и живи да сме, засега имаме такви планови. Доколку нешто се промени, во наредните четири години, Никола ќе има диплома со којашто и тука полесно ќе најде работа, вели Кристина.

15.07.2024 - 09:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега