Дојава за бомба во Загреб: Евакуирана зградата на градската управа, пораката пронајдена во тоалет
Вистинската драма се одвивала утрово нешто по 9 часот во зградата на Градскиот совет на Загреб по откривањето на парче хартија со вознемирувачка содржина.
„7.7. бомба во управата“ е содржината на пораката оставена во еден од тоалетите во објектот, до кој, како што дознава „Јутарњи лист“, можат да пристапат и странките, но и вработените.
Веднаш била почната евакуација, а од полициската управа во Загреб велат дека во 9 часот и 10 минути добиле пријава за можна експлозивна направа.
Во тек е увид со службени кучиња, а ќе се посети секој агол од објектот. Ќе се прегледаат и надзорните камери во внатрешноста на објектот за да се лоцира лицето кое решило да направи немир во установата.
„Не беше пријатно да се слушне дека моравме да ја напуштиме зградата поради дојава за бомба. Насекаде има еден куп незадоволни лица и нема повеќе простор за изненадување. Секој можеше да ја остави таа порака. И посетител и вработен“ вели вработен во Дирекцијата, убеден дека ќе се докаже дека пријавата била лажна.
Портпаролката на Загреб, Динка Живаљ изјави дека стотици луѓе биле евакуирани од општината.
„Добивме дојава за бомба во градската управа. Во согласност со процедурата сите вработени ја напуштија зградата“, вели Живаљ во изјава за Хина.
Градоначалникот на Загреб Томислав Томашевиќ не ги откажа денешните активности. Подетално за заканата од бомба ќе даде во изјава за медиумите во 11 часот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа