Димитар Ташковски: Отворањето масовно универзитети ќе има долгорочни негативни последици

Во пресрет на изборот на прв човек на најголемиот Универитет во Македонија, Универитетот Свети Кирил и Методиј, Прес 24 постави идентични прашања за сите шест канодати за иден Ректор.

Низ одговорите на канидатите на прашањата, јавноста ќе може да изгради свој став за нивните ставови, размислувања, позиции и идеи.

Проф. д-р Димитар Ташковски е редовен професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје. Роден е 1971 година во Скопје. Дипломирал во 1994 година. Магистрирал во 1997 година, а докторирал во 2004 година. Од 1998 година е вработен на ФЕИТ како помлад асистент, во 2001 избран за асистент, во 2005 година избран за наставник во звањето доцент, во 2009 во звањето вонреден професор, а во 2014 во звањето редовен професор.

 

ПРЕС24: Како го оценувате развојот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во последните три децении независност на државата?

ТАШКОВСКИ: Како најстар универзитет, УКИМ секако е столбот на високото образование и наука од основањето на македонската држава до денес. По неговото основање во 1949 година, УКИМ имаше пресудна улога во формирањето на професионален кадар кој ја градеше државата во сите нејзини сегменти, од производни капацитети, фабрики, инфраструктура, преку формирање на државните институции, па сè до изградбата на заокружен општествен систем. Од осамостојувањето до денес, УКИМ продолжи да го развива својот високо образовен и научен потенцијал, но сепак темпото на овој развој е недоволен за следење на современите трендови во регионот и во европскиот високообразовен простор. Всушност, во последните 15 години УКИМ работеше во исклучително тешки услови, при што денес може да процениме дека е во режим на преживување во однос на финансирањето од државата. Меѓу најважните проблеми околу финансирањето е отсуството на државна поддршка на научните истражувања на универзитетот. Истите се практично занемарливи и ја обесхрабруваат научната дејност на универзитетот, што директно се пресликува на позицијата на УКИМ на меѓународните универзитетски рангирања. Позицијата на универзитетски професор на УКИМ во општеството и нивниот социјален статус се постојано и систематски девалвирани. Личните примања на професорите и асистентите исплатени од државата се недостоинствени. Трагично е што во 21 век зборуваме за фактот дека државата дури во 2018 година презеде обврска да ги плаќа комуналните трошоци на УКИМ, а од 2021 почна да го исплаќа и минатиот труд за вработените. Па така, додека македонското високо образование и наука е сè повеќе социјална категорија, бавењето со високо образование и наука насекаде во Европа и светот преставува престиж и носи углед во средината.

ПРЕС24: Дали УКИМ денеска го заслужува епитетот најдобар универзитет во Македонија?

ТАШКОВСКИ: Секако дека да. Не постои никаков сомнеж во тоа дали УКИМ е најдобар универзитет во Македонија, бидејќи располага со најдобар, најискусен и најафирмиран наставно- научен кадар, и се уште располага со најразвиена научноистражувачка инфраструктура. Ова се должи на убедливо најголемиот број меѓународни научноистражувачки проекти кои се реализираат на УКИМ. Сепак, ние и понатаму мораме да работиме на тоа да УКИМ го одржи овој епитет на најдобар универзитет во Македонија и да го издигнеме на ниво на кое ќе се споредува со универзитети од регионот.

ПРЕС24: На што се должи континуираниот пад на довербата и на се пониското рангирање на УКИМ на светските листи на универзитети?

ТАШКОВСКИ: Според мене, за ова постојат две причини. Едната е немањето никаква финансиска поддршка за наука и истражување во државата. Бројките што ги слушаме по медиуми деновиве се всушност платите на наставниот и административниот кадар, а не се средства издвоени за проекти, наука, истражување и иновации. Втората причина е нискиот критериум за напредување во звања како и нискиот критериум за изработка на магистерски и докторски трудови. Критериумите за унапредување во звања дефинирани во Законот за високо образование од 2018 не се доволни за постигнување на извонредност во научно-истражувачката дејност и не водат до зајакнување на постојните научно-истражувачки капацитети. УКИМ не собра доволно храброст да се издигне над останатите универзитети во Македонија и да ги подигне овие критериуми.

ПРЕС24: Кои според Вас се клучните пропусти направени изминатите три децении?

ТАШКОВСКИ: Главната промена во високото образование коja имаше негативно влијание на неговиот развој настана со одлуките за формирање на новите државни универзитети. Одлуките не беа резултат на државна стратегија за развој на високото образование, туку главно резултат на политички одлуки, чија примарна цел беше да се зголеми процентот од населението кое ќе добие диплома, без при тоа да се води сметка за реалните квалификации на дипломираните. Не се следеа барањата на современото образование и не се почитуваа критериумите за квалитет и меѓународна конкурентност. Наместо да се поддржат оние институции со големо наставно и истражувачко искуство (пред сè УКИМ) кои лесно можеа да постигнат извонредност врз основа на нивното претходно достигнувањe, се отиде на масовност што секако ќе има долгорочни несакани последици за развојот на високото образование и науката, а со тоа на државата. Во овој процес не се обезбедија дополнителни финансиски средства, туку дојде до прераспределба на тековните средства на сите универзитети. Финансирањето се сведе на покривање на платата на вработените, па дури не се плаќаа ни комуналните трошоци, ниту пак се обезбедуваа средства за материјални трошоци за изведување на наставата, додека капитални инвестиции во високото образование речиси и да немаше. Во делот на научно-истражувачката работа, веќе 20-тина години нема финансирање на научно истражувачки проекти од страна на МОН, што негативно влијае на развојот на научно- истражувачката дејност во државата. Без почитување на дотогаш постигнатите резултати во научно-истражувачката работа и без донесена стратегија за дефинирање на научните области од интерес на државата се влезе во проектот за набавка на лаборатории за научни истражувања и применети активности за јавните универзитети, како и за превод на 1000 учебници користени на најпрестижните светски универзитети. За двата проекта се потрошија големи средства со занемарлив ефект за развој на високото образование.

ПРЕС24: Дали политиката го деградираше образованието, или универзитетските професори политичари ја деградираа политиката?

ТАШКОВСКИ: Политиката честопати се водеше и се води од популистички мерки, без долгорочни стратегии за развој на високото образование, па од тие причини би рекол дека има огромно влијание во деградирањето на квалитетот. Високото образование не смее да трпи импровизации. Регулативата во доменот на високо образование години наназад предвидува соодветни тела и мерки кои треба да профункционираат во пракса, не само на хартија. На пример, Советот за развој и финансирање на високото образование кој беше предвиден со ЗВО од 2008 никогаш не беше формиран. Одборот за акредитација и евалуација на високото образование (ОАЕВО) за 10 години не изврши ниту една надворешна евалуација на високообразовна институција, со што на некој начин се толерираше неквалитетот во високото образование. Иако имаше обврска, ОАЕВО не излезе со информација за состојбата во која се наоѓа високото образование во РС Македонија, а со тоа немаше ниту насоки за негово подобрување. Со Законот од 2018 се формираше Национален совет за високо образование и научноистражувачка дејност. Но, обврските кои ги има овој Совет се големи и тешко може да се очекува дека сите правилници, пред сè оние поврзани со квалитетот, финансирањето, научно-истражувачката дејност ќе бидат донесени во скоро време. Немаме нов Закон за научно-истражувачка дејност, ниту пак Закон за квалитет во високото образование како што е практика во европските земји. Законот за иновациска дејност иако подготвен се уште не се носи, што негативно влијае на развојот на високото образование. За колегите универзитетски професори кои влегле во политиката, можам да кажам дека се труделе во доменот во кој работеле да придонесат за подобрување на состојбата во високото образование. Сепак, капацитетите кои им стоеле на располагање биле најчесто многу ограничени за некои поголеми и посуштински промени во областа.

ПРЕС24: Исплатливо ли е да се биде универзитетски професор?

ТАШКОВСКИ: Градењето на професионална кариера на универзитет бара талент, посветеност и многу откажувања, со цел да се напредува во наставно-научните звања – од асистент до редовен професор. Затоа, ако зборуваме исклучиво за висината на платата, тогаш сигурно не е исплатливо да се биде универзитетски професор. Но, од друга страна, нема поголемо задоволство да работите и образувате млади луѓе во најубавите години од нивниот живот, со што како професор или асистент засекогаш оставате трага во нивниот живот од студентските години. Исто така, постигнувањето врвни научни резултати и нивно објавување во меѓународна конкуренција поттикнува самодоверба и претставува лична сатисфакција. А државата пак треба да се потруди научните достигнувања материјално да ги поттикне, односно да обезбеди определена материјална сатисфакција. Висината на платите на универзитетските професори треба да се постави на ниво кое ќе ја отслика положбата на професијата во општеството. Сегашната сума е големо деградирање на професијата универзитетски професор.

ПРЕС24: Што за Вас, како иден Ректор е топ приоритет ?

ТАШКОВСКИ: Во мојата програма се наведени 10 приоритети и на сите им придавам еднакво значење. Проблемите и предизвиците со кои се соочува УКИМ се повеќеслојни и таложени долги години, па не би смееле да издвоиме само еден приоритет. Мораме паралелно да работиме на повеќе полиња. Мораме да го зајакнеме квалитетот на студиските програми, меѓународно да ги акредитираме, да го зголемиме степенот на практична работа на студентите како и да поддржиме постојана интернационална размена на студенти. Мораме да ја засилиме научно-истражувачката работа во меѓународни проекти затоа што не смееме постојано да чекаме трошки од државата, а во таа насока мораме и да го зајакнеме капацитетот за меѓународна соработка. Мораме да го институционализираме процесот на трансфер на технологии и иновации што пак ќе влијае и на зголемена соработка со стопанството, но и ќе биде дополнителен извор на приход за УКИМ. Мораме да обезбедиме систем за управување со квалитет на УКИМ во сите полиња на делување. Мораме комплетно да го дигитализираме УКИМ во делот на наставата, услугите кон студентите, како и административното работење. Конечно, мораме да работиме на создавање нов простор за факултетите и за нови лаборатории во кои ќе се работат врвни истражувања. Како што гледате, тешко е да се издвои еден приоритет. Убеден сум дека како Ректор, во соработка со единиците на УКИМ, можам во краток рок да постигнам резултати во сите овие области, за што дополнителна самодоверба ми даваат сличните активности кои ги презедов и успешно реализирав на ниво на ФЕИТ како декан на овој факултет во претходните два мандатни периоди. ПРЕС24: Можни ли се реформи на високото образование и каков модел е најсоодветен? ТАШКОВСКИ: Реформите се неопходни. Високото образование мора да нуди современи студиски програми, меѓународни препознаени и соодветно прилагодени на потребите на пазарот на труд. За да успееме да го подигнеме квалитетот на високото образование неопходна е поголема спрега држава – академија – бизнис. Според мене, најсоодветен модел е отворен и истражувачки универзитет. Отвореноста значи универзитет во кој постојат интердисциплинарни студиски програми и научни истражувања, подадена рака кон општеството, прилагодување кон потребите на стопанството, користење на практичните искуства и трансфер на знаења. Во пошироки рамки, отвореноста значи континуирано информирање на општеството за активностите на Универзитетот. Научноистражувачката работа е еден од индикаторите за квалитетот на секоја високообразовна институција и претставува основа за развој на општеството базирано на знаење. УКИМ има огромен потенцијал да апсорбира меѓународни истражувачки проекти и да се фокусира на современи истражувања со кои може да стекне и поголема финансиска независност. Дополнително, научноистражувачката работа треба да служи и за трансфер на знаење и технологии со што ќе се придонесе за економскиот раст на државата. Голем дел од овие реформи може да се спроведат интерно, во самиот УКИМ, со правилно и рационално користење на расположливите ресурси. Сепак, државата мора со јасни финансиски механизми конечно да застане стратешки зад науката и истражувањата во Македонија. Европскиот просек на издвојување средства за наука е меѓу 2 и 3 проценти од БДП и таа бројка мораме да ја постигнеме во наредниве години.

ПРЕС24: Какви релации ќе градите со институциите на државната власт во однос на потребата од јакнење на инвестициите во научната сфера?

ТАШКОВСКИ: УКИМ мора да има постојан партнерски однос со државната власт. Само со постојан дијалог, меѓусебна комуникација за проблемите, дефинирање на приоритети и соодветни критериуми за следење на нивното исполнување ќе успееме да ја подигнеме меѓусебната доверба. Мораме да сфатиме дека средствата вложени во наука и развој ќе се вратат во општеството неколкукратно на среден и долг рок. Не постои конкурентна економија во светот која не се базира на знаења и иновации. Поради својата големина и својот несомнен капацитет, УКИМ е единствен универзитет во Македонија кој може да биде предводник на овој развој. Државата мора да биде негов партнер, на обостран бенефит.

ПРЕС24: Што мислите за систем на саморегулација кај професорите на УКИМ во поглед на етичките, моралните и академските критериуми?

ТАШКОВСКИ: Во принцип, сите универзитети во светот имаат јасно поставен систем за евалуација на професорите кој се базира на јасни критериуми. Во овој процес се евалуираат нивните наставни ангажмани и нивната академска извонредност заради напредување во кариерата. Не се залагам за систем на саморегулација туку напротив, за систем со построги критериуми преку кој ќе го подигнеме квалитетот на кадарот и на високото образование во целина. Критериумите за академско напредување треба да се усогласат со стандардите на земјите во регионот, вклучувајќи и утврдување на посебни критериуми за секое од шесте научноистражувачки подрачја.

24.05.2023 - 10:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега