Детали за летот на Зеленски до САД: Украинскиот лидер бил следен од цела флота шпионски и борбени авиони на НАТО

Флота од тајни шпионски и борбени авиони на НАТО го следеше украинскиот претседател Володимир Зеленски додека тој патуваше од Киев до Вашингтон во САД, пишува „Дејли мејл“.

Боинг Ц-40А на американската морнарица го превезувал Зеленски преку Атлантскиот Океан, а на тој дел од патувањето го придружувал и борбен авион.

Посетата на украинскиот претседател на САД првпат беше спомната кога претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, учествуваше на Првиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа во Загреб на крајот на октомври. Американскиот претседател Џо Бајден и Зеленски разговараа за средба во Вашингтон на 11 декември, а Белата куќа официјално го покани украинскиот лидер на 14 декември.

Зеленски им кажа на Бајден и на Белата куќа дека сака неговото прво патување во странство од почетокот на војната во Украина да биде во САД. Украинскиот претседател на 16 декември ја прифати поканата, а два дена подоцна беше потврдено дека тој навистина ќе дојде во Вашингтон. Тогаш за се беше информиран кабинетот на претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси.

Десетчасовното патување на Зеленски, кое вклучуваше средба со Бајден во Овалната соба, нивната заедничка прес-конференција во Белата куќа и обраќање пред американскиот Конгрес, беше организирано релативно брзо.

Зеленски пристигна од Украина рано во средата на железничката станица во полскиот град Пжемишл, град недалеку од украинско-полската граница каде прво пристигнуваат многу од оние што бегаат од војната во Украина. Украинскиот претседател потоа беше префрлен на аеродромот во Жешов заедно со американската амбасадорка во Украина Бриџит Бринк во возилото на американската амбасада. Зеленски се качи на авионот во 08:15 часот, кој потоа го префрли во воздухопловната база Ендрјус во американската држава Мериленд, недалеку од Вашингтон, каде што слета нешто по 12:00 часот. До Белата куќа може да се стигне со автомобил од воздухопловната база Ендрус за 30 минути.

Зеленски леташе со авион на американското воено воздухопловство што вообичаено го користат официјални лица кои се наоѓаат веднаш под американскиот претседател и потпретседател по важност.

Белата куќа ја испрати потврдата за пристигнувањето на Зеленски дури во среда во 01 часот, бидејќи сакаше да се увери дека тој без проблеми ја напуштил Украина.

За безбедно прелетување над Северното Море и руските подморници кои патролираат во него, од Германија е испратен шпионски авион Боинг Е-3 Сентри, познат и како АВАКС.

Додека леташе над Велика Британија, го следеше борбен авион McDonnell Douglas F-15 Eagle на американските воздухопловни сили, кој вообичаено е стациониран во базата во Милденхол, округот Сафолк. Штом Зеленски го напушти шкотскиот воздушен простор, Ф-15 се врати во базата.

Летот со кој Зеленски пристигна од Европа во САД, љубопитните можеа да го следат преку Интернет во последната етапа од патувањето, додека патуваше преку Атлантикот. Накратко се појави и на онлајн услугите за следење летови додека минуваше низ Германија.

22.12.2022 - 15:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега