Десет деца дневно губат една или две нозе во Газа

Во просек по десет деца во Појасот Газа секој ден остануваат без едната или двете нозе, предупреди денеска шефот на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), Филип Лазарини.

-Секој ден имаме во просек по десет деца кои остануваат без едната или двете нозе, рече Лазарини на прес-конференција во Женева, додавајќи дека тие податоци не ги вклучуваат децата кои останале без рака или шака.

Тој рече дека тие податоци се базираат на податоците на УНИЦЕФ.

-Десет на ден, тоа се речиси 2.000 деца по повеќе од 260 дена од таа брутална војна. Знаеме дека најчесто ампутациите се вршат во ужасни услови и понекогаш без никаква анестезија, а тоа важи и за децата, рече тој.

Лазарини го спомена и извештајот на невладината организација Save the Children во кој се наведува дека од почетокот на војната во Појасот Газа „исчезнале до 21.000 деца“, без разлика дали биле затрупани под урнатините, заробени, закопани во анонимни гробници или изгубени контакти со семејството и роднините.

25.06.2024 - 19:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега