Денеска се отвораат понудите за субвенционирање нови авиолинии
Понудите што до вчера напладне пристигнале на тендерот за субвенции за нови авиолинии, ќе се отворат денес од Комисијата што за таа намена е формирана во Министерството за транспорт и врски. За годинава се предвидени 1,1 милион евра за финаниска поддршка за нови авиолинии. Повикот, пак, кој беше објавен лани, на 20 декември и се однесува на периодот од 2023 до крајот на 2025 година.
Според Министерството за транспорт и врски, овој јавен повик е различен од претходните и на него можат да се изберат повеќе авиокомпании кои би биле субвенционирани за воспоставување нови линии од Меѓународниот аеродром Скопје и охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.
Конкретно, финансиската поддршка ќе се доделува согласно критериумите за рангирање на новите дестинации по следниот редослед: период на oперирање на дестинацијата, број на неделни летови, атрактивност на аеродромот кон кој оперира, број на седишта понудени на продажба. Предвидена е поддршка од седум евра (во денарска противвредност) по патник во заминување превезен од скопскиот аеродром и од 4,5 евра (во денари) по патник од охридскиот аеродром.
Инаку, крајниот рок на повикот беше 19 јануари, но се продолжи поради измени во тендерската документација, со кои од критериумите за учество се иззема барањето за позитивен биланс за 2020 и 2021 година поради ковид кризата. А, останаа оние за превезени десет милиони патници и најмалку 25 милиони евра профит во 2019 година.
Што се однесува до двата аеродроми, минатата година ја заокружија со речиси 2,4 милиони патници и 19.448 летови. Растот во патничкиот сообраќај е 70 насто, споредено со 2021 година. А, пак, во однос на 2019, која е референтна година во воздухопловството, патничкиот сообраќај е на -11 проценти. Односно 89 проценти стапка на закрепнување, согласно статистиката на патничкиот авиосообраќај за 2019 година.
Од Меѓународниот аеродром Скопје до 36 дестинации сообраќаат 11 авиокомпании (Air Serbia, Austrian Airlines, Croatia Airlines, Edelweiss, Chair Airlines, Pegasus Airlines, Turkish Airlines, LOT, Aegean, Wizz Air, Easyjet). А, од охридскиот „Св. Апостол Павле“ две авиокомпании (Wizz Air, Chair Airlines) до четири дестинации.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа