Денеска корисниците на парно ќе потпишуваат нови договори со ЕСМ

 

Нема дефекти во топланите и дистрибутивната мрежа за парно греење во Скопје и тие се 100 отсто функционални. Се интервенира по повици на граѓани за дефекти во домовите или на потстаниците во зградите, но тоа, како што велат од АД ЕСМ, е вообичаено на почетокот на грејната сезона.

Од денеска корисниците на централното греење ќе треба да потпишат нови договори со ЕСМ Снабдување ДООЕЛ Скопје.

Од ЕСМ уверуваат дека засега нема проблем во производството и испорачувањето на топлинската енергија и оти ќе има доволно енергенси за целата грејна сезона. Директорката за производство од АД ЕСМ Александра Маројевиќ вчера информираше дека во првите два дена од стартот на грејната сезона пријавени се околу 600 дефекти од корисници на топлинска енергија, а најголем број се однесуваат на истекување од внатрешни инсталации.

– Овие дефекти не можат да се предвидат од наша страна, ниту од страна на корисниците. Во таков случај нашите екипи ја прекинуваат испораката на топлинска енергија во тие потстаници сè додека кај корисниците не се отстранат дефектите од истекувањето, појасни Маројевиќ.

Најчести причини за студени радијатори се дефекти во топлински потстаници, како и најразлични затнувања на радијаторите, затнување на воздух, запуштен прочистувач, откажување на пумпи итн.

Приоритет на сервисните екипи на терен имаат рекламациите за течење, со оглед дека тие можат да предизвикаат материјална штета во домовите. Сите останати рекламации за немање греење, односно студени радијатори се извршуваат од сервисните служби на терен по редослед „прв јавен, прв услужен“.

Во однос на испораката на топлинската енергија во попладневните часови, таа посочи дека во изминатите два дена греење немало зашто надворешните температури биле високи.

– Млаките радијатори во овој период и во наредниот не се дефект, туку се рационална испорака на топлинска енергија согласно правилата, со цел во објектите да се исполни 20+1 степен Целзиусов. Како ќе паѓаат надворешните температури, така и обемот на испорачана топлинска енергија низ грејните тела ќе се зголемува, појасни Маројевиќ.

Во однос на енергенсите, информира дека АД ЕСМ и државата работат на обезбедување природен гас по поволни цени, а ако во тоа не се успее, алтернативно решение ќе биде користењето на дизел гориво, кое е достапно на пазарот и навремено ќе биде обезбедено. На располагање се државните резерви во однос на основните енергенси и граѓаните треба да бидат спокојни во поглед на парното греење во Скопје.

17.10.2022 - 09:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега