Ден на жалост во Црна Гора поради трагедијата во Кочани: Ова е наша братска земја, наша Македонија
Во Црна Гора денеска е Ден на жалост по невидената трагедија во Македонија, кога во пожар во дискотека во Кочани загинаа најмалку 59 лица, а над 100 беа повредени. Знамињата на сите државни институции од утрово се спуштени на половина копје, а граѓаните во неверување по хоророт што се случи.
„Ова е наша братска земја, наша Македонија. Сите овие изгубени животи се огромна тага и огромна трагедија. Толку млади луѓе загинаа. Сето ова многу не погодува, толку многу несреќи на малиот Балкан, за кратко време“, вели за РИНА Ивана Б. од Подгорица.
Парламентот на Црна Гора изрази сочувство до семејствата на жртвите и граѓаните на Северна Македонија.
Сочувство изрази и премиерот Милојко Спајиќ кој изјави дека веста за трагичниот настан ја примил со голема тага.
„Владата на Црна Гора е подготвена да застане покрај пријателскиот народ на Северна Македонија на сите неопходни начини во ова тешко време. Изразувам длабоко сочувство до семејствата на жртвите, а на повредените им посакувам брзо закрепнување. Нашите мисли и молитви се со Северна Македонија“, рече Спајиќ.
Во Србија утре е прогласен ден на жалост по трагедијата во Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа