„Чад на хоризонтот“: Каква е поврзаноста меѓу Балканот и Украина во нелегалната трговија на оружје?

 

Профит на организираниот криминал од војните не е првото нешто што ни паѓа на ум, додека со ужас го следиме разорството на Украина. Но, сите војни имаат дополнителни свои негативни ефекти на прелевање и долгорочни штетни последици. За дел од нив можевме да посведочиме и од конфликтите во некогашна Југославија во 1990-тите и тука вбројувајќи го и оној во Македонија во 2001-та година. 

Во својата нова публикација Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (ГИ-ТОК) насловена како „Чад на хоризонтот“ анализира дека како што се зголемува приливот на оружје во Руско-Украинската војна, така паралелно се зголемува и ризикот од потенцијалниот шверц на истото надвор од границите на војната.

Александар Србиновски, координаторот за Македонија и Југоисточна Европа за ГИ-ТОК, информира дека ова истражување било спроведено во 2023 и 2024 година на територијата на Украина и во државитеод Западна и Источна Европа и Балканот. 

- Во истражувањето вршевме собирање на цените на црниот пазар за оружјето во Украина, во Европа и на Балканот, под претпоставка дека ако се изврши споредба на цените во различни локации, ќе се дознаат и потенцијалните промени во овој нелегален бизнис. Токму сублимираните податоци на овој начин на глобално ниво ќе ни ја расветлат и природата на понудата и побарувачката на нелегалното оружје на национално и транснационално ниво, вели Србиновски.

Според него податоците во истражувањето се добиени од најмалку стотина интервјуа со преставници на полициите на државите во Европа, истражувачките новинари, универзитетските професори како и претставниците на подземјето во бројнитеземји. 

- Квалитативните интервјуа со извори од подземјето, органите на прогонот, новинарите и други помогнаа да се разјасни сликата за овој проболем во однос на податоците за побарувачката за оружје кај криминалците, апетитот за ризик и потенцијалните двигатели и бариери на овие структури. За да ја имаме целосната слика се изврши и собирање на информации за заплени и официјални извештаи за огнено оружје и истражување за трговијата на оружјето на дарк веб интернет страниците, објаснува Србиновски.

Што се однесува на Балканот, додава Србиновски податоците во публикацијата „Чад на хоризонтот“, велат дека барем засега не постои доказ дека балканските криминални групи шверцуваат оружје кон и до Украинските фронтови, но она што е многу загрижувачко е дека цената на нелегалното оружје е во пораст во регионот, а тоа е пак иницира дека за оружјето на Балканот расте и побарувачка.

 

18.06.2024 - 12:24

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега