Британска полицајка пронајдена мртва на Крф

 

Британската полицајка која паднала на Крф можеби пиела алкохол во кој е ставен метанол, стравуваат полицајците на грчкиот остров. Хана Емили Бирн веќе била мртва кога ја пронашол минувач првиот ден од нејзиниот одмор во Кавос во неделата.

22-годишната Хана која служела во полицијата во Ари, одлучила да остане во градот кога нејзиниот колега се вратил во хотелот. Пронајдена е покрај главниот пат, откако паднала од неколку метри висина и се здобила со рана на главата.

Властите на островот сега истражуваат дали нејзиниот пијалак бил контаминиран. Главниот медицински службеник кој прв ја прегледал Хана рекол дека открил алкохол во нејзиниот здив.

„Постои прашањето кој вид на алкохол го консумирала. Дали е во него нешто ставено? Дали била толку пијана бидејќи илегалниот метанол бил присутен во пијалаците кои ги консумирала? Одговорот лежи во токсиколошките тестови кои ќе бидат спроведени“, вели Јанис Аиватидис.

Тој додал дека очекува дека токсиколошките тестови ќе ја откријат точната природа на супстанциите вклучени во алкохолот кој полицајката го пиела.

„Од витално значење е да се откријат овие супстанции. Очекуваме резултати за неколку недели“, рекол Аиватидис за „Mirror“.

Во меѓувреме, шефот на полицијата на Крф, Спиридон Сколарикис ги ставил островските сили во состојба на висока приправност, давајќи им упатства на полицајците да влегуваат во барови поради контаминираниот алкохол кој се служи во локалите.

Се очекува дека очувот на Хана, кој е исто така полицаец, ќе пристигне на островот подоцна оваа недела за да го врати нејзиното тело во татковината.

05.09.2023 - 20:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега