Битиќи: Од 2018 до 2022 година со 57 милиони поддржавме 630 компании кои инвестираа над 340 милиони евра
Партнерскиот и инклузивниот пристап во креирањето и спроведувањето на економските политики на Владата дава резултати. Преку Законост за финансиска поддршка на инвестиции, Владата, од неговото воведување, односно во периодот од 2018 до 2022 година, со околу 57 милиони евра поддржа 630 компании кои инвестираа над 340 милиони евра. Довербата на деловните субјекти во институциите и нашите економски политики од година во година се зголемува, бројот на потпишани договори за финансиска поддршка на компаниите континуирано расте, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Според него, од стапувањето во сила на Законот во 2018 година, заклучно со минатата година се потпишани вкупно 630 договори за финансиска поддршка, а годинава се пристигнати рекордни 427 апликации за нови инвестициски проекти, од кои одобрени или новопотпишани договори се 289 договори за финансиска поддршка на планирани инвестициски циклуси на компаните од 366 милиони евра, кои ќе креираат нови конкурентни работни места.
-Со ова, портфолиото на договори за финансиска поддршка на инвестиците се зголемува на 919 договори. Ова зборува дека Владата преку поттикнувачки и конзистентни политики и мерки успешно создава деловен амбиент кој е стабилен, предвидлив и стимулативен за компаниите. Ако во 2018 година, имавме 73 компании кои реализираа инвестиции во вредност од околу 29 милиони евра, во 2022 година, по основ на овој закон, имаме инвестиции на 410 компании во вредност од околу 101 милиони евра. Освен што не прави разлика помеѓу странски и домашни компании, Владата партнерски и постојано ги поддржува компаниите во нивните инвестициските циклуси. Во 2018 година, исплатената поддршка изнесуваше 3 милиони и 120 илјади евра во 2022 година таа се зголеми на рекордни 23 милиони евра, наведува Битиќи.
Тој оценува и дека само како резултат на довербата на бизнис заедницата кон мерките содржани во Законот и објективниот, транспарентен начин на нивно спроведување, во изминатите пет години во нашата економија е реализиран вкупен инвестициски циклус од 340 милиони евра за кој е исплатена вкупна финансиска поддршка од 57 милиони евра.
-Имаме инвестициски бран во реалниот сектор на нашата економија кој расте, се зголемува, кој ја развива конкурентноста преку воведување на нови производствени процеси, усвојување на нови технологии и освојување на нови пазари, создавајќи нови и добро платени работни места за нашите граѓани. Само во ново одобрените 294 договори за финансиска поддршка на компаниите кои годинава аплицираа содржани се проекции за отворање на нови 4.439 работни места и реализација на дополнителни 366 милиони евра инвестиции до крајот на планираните инвестициски циклуси. Рекордниот број апликации се резултат на нашите политики и на зголемената доверба на компаниите кои препознаваат партнер во Владата, подвлекува вицепремиерот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа