Бектеши: Преговараме со соседните држави за поевтина струја за стопанството

 

Министерот за економија Крешник Бектеши вечерва изјави дека се преговара со сите соседни држави за да се обезбеди поевтина електрична енергија за стопанството, но смета дека бизнис секторот има максимални очекувања.

– Бараат директна субвенција од страна на државата од 20 милиони евра за првите десет потрошувачи во државата чија потрошувачка е околу 80 илјади мегавати по час. Ако ги земеме предвид денешните цени и колку бараат субвенција, само за овие десет компании, државата треба да одвои околу 20 милиони евра, изјави вечерва министерот за економија Крешник Бектеши во дневникот на телевизија „Сител“.

Ваквите барања на стопанството, според Бектеши, се нелогични затоа што токму тие 10 најголеми потрошувачи на електрична енергија имаат направено огромни профити минатите години.

– Не може овие десет компании да очекуваат 20 милиони субвенција за еден месец, а претходната година да оствариле над 100 милиони евра. Сите средства во Буџетот се на граѓаните. Наш приоритет се домаќинствата и микро и малите компании кои вработуваат над 85 проценти од сите вработени во приватниот сектор, рече Бектеши.

Ги отфрли обвинувањата од опозицијата дека со Бугарија се преговара за цена на електричната енергија од 400 евра по мегават час.

– Имаме понуда од страна на Бугарија да платиме цена блиску до пазарната која е на нивната берза и за разликата да бараме помош од страна на Европската комисија. Ние понудивме да направиме долгорочен договор до крајот на април и ако има потреба до крајот на наредна година да имаме фиксна цена по која ќе добиеме електрична енергија од страна на Бугарија. Очекуваме одговор од нивна страна. Јас никогаш нема да дозволам да се направи договор со берзански цени, рече Бектеши.

За вчерашната посета на Турција, Бектеши оцени дека имале продуктивни разговори со турските колеги и покажале интерес да излезат во пресрет на нашите барања.

– Продолжуваме со координацијата на сите институции и соработка со нашите соседи за пренос на електрична енергија преку Грција и Бугарија со користење на прекуграничните капацитети, со оглед на тоа што ние не граничиме со Турција. Имаат поповолни цени на електрична енергија од оние кои се на слободниот пазар, но се повисоки од барањата на нашето стопанство, а ние во моментов бараме поевтина струја, рече Бектеши.

Останува на ставот дека Владата не задоцнила во однос на преговорите со соседите за електрична енергија. Најави дека по враќањето на премиерот Димитар Ковачевски и српскиот претседател Александар Вучиќ ќе биде потпишан договор со Србија.

Во однос на парното греење во Скопје, Бектеши посочи дека според неговите сознанија ЕСМ добила превисока понуда за снабдување со природен гас од околу 2.500 евра за нормален метар кубен. Ваквата понуда, како што рече, бара директна субвенција од државата.

– Да чекаме уште една недела, можеби ќе имаме договор за пониски цени. Јас сум убеден дека тоа можеме да го постигнеме се со цел да не даваме субвенции таму каде што нема потреба, а тие средства можеме да ги искористиме, за да ги снабдуваме основните и средните училишта и да помогнеме и во други сектори, рече Бектеши.

23.09.2022 - 21:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега