Бектеши и Ковачевски до граѓаните: Не паничете, парно ќе има до крајот на грејната сезона
Утринава беа пуштени топланите на температура од 9 степени Целзиусови. Истите работеа до 09:15 часот кога се постигна надворешна температура од 12 степени и при тоа во овој период беа испорачани 997 мегават часови топлинска енергија, изјави директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски на прес-конференцијата по посетата на Топлана Исток каде со министерот за економија Крешник Бектеши го одбележаа почетокот на грејната сезона.
„Денес е 15 октомври и официјално согласно закон, почеток на грејната сезона. Во градот Скопје денеска има парно. Но, грејната сезона не е само парно греење. Истовремено грејната сезона значи намалување на температурите и зголемена потрошувачка на електрична енергија. Што се однесува до топлинската енергија, АД ЕСМ пред само помалку од еден месец го доби задолжението од Владата да ја преземе одговорноста да го менаџира топлинското греење во градот Скопје и во овој краток период успеавме да ги формираме трите компании, да преземеме поголем дел од вработените во БЕГ, да ги ангажираме сите вработени во нашата компанија и успешно да направиме старт на денешната грејна сезона“, појасни Ковачевски.
Додаде дека граѓаните треба да бидат безбедни бидејќи има обезбедено енергенс за до крајот на месецот, а следствено на тоа како понатаму ќе функционира приватаната гасна централа ТЕ-ТО ќе се знае дали ќе се повлекува топлинска енергија од ТЕ-ТО или и понатаму целосно ќе се произведува од топланите кои ги имаат под закуп од АД „Адора“, во топланите Исток и Запад.
Министерот за економија, Крешник Бектеши уверува дека цела зимска сезона потрошувачите ќе бидат снабдувани со електрична енергија од домашни капацитети.
„Ние не зависиме од другите држави, ние сами се подготвуваме за се да покриваме од домашни капацитети за да нема зголемување и на цените, а дополнително на тоа да не зависиме од тоа што би се случило во регионот, во Европа или, пак, глобално. Затоа сите капацитети веќе се ставаат во функција, а денешниот ден секако дека е потврда на тоа дека последните неколку месеци ЕСМ, секако со поддршка на Владата, ги направиле сите подготовки и денеска имаме парно во Градот Скопје, електрична енергија имаме во континуитет за сите наши граѓани и тоа ќе биде до крајот на грејната сезона“, потенцира министерот за економија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа