Арсовска и Дудуш го посетија Дневниот центар за престој на деца во ризик во Шуто Оризари
Градоначалничката на градот Скопје Данела Арсовска, заедно со градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш, денеска го посетија Дневниот центар за престој на деца во ризик „Патека на надежта“ каде се запознаа со стручниот тим на Здружението на граѓани за иницијатива за развој и инклузија на заедниците, како и со децата корисници на услугите на центарот.
Дневниот центар, како што информираат од Град Скопје, го користат дечиња на возраст од шест до 10 години, со цел да воспостават здрави хигиенско-диететски навики, да се стекнат со животни вештини преку посебни програми, како и да добијат поддршка за полесен пристап и редовно следење на образовниот процес.
Во Дневниот центар стручниот тим кој секојдневно работи со децата е составен од социјален работник, педагог, психолог и помошен персонал.
Градот Скопје, како што е наведено во соопштението, продолжува континуирано да поддржува значајни проекти за подобрување на квалитетот на животот на децата во ризик и социјално ранливите категории на граѓани.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа