Ангеловска-Бежоска: Народната банка е во завршна фаза на изготвување на стратегијата за поттикнување „зелени финансии“

 

 

„Со подлабоки и побрзи реформи и зајакнување на одржливоста на домашниот енергетски сектор може да се постигне значително ублажување на ценовните притисоци од енергетската криза, но и да се ублажат притисоците во трговскиот дефицит и девизниот пазар. Народната банка прави напори да обезбеди поповолен амбиент за инвестирање во обновливи извори на енергија, преку повеќе активности, вклучително и изготвување стратегија за поттикнување на „зелените финансии“ и нивен системски пристап за одржување на финансиската стабилност“, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за „Марили“.

Ангеловска-Бежоска во интервјуто посочува дека значителен дел од домашната инфлација во минатата година се должи на растот на цените во енергетската компонента, којашто ги опфаќа цените на струјата за домаќинствата, горивата, топлинската енергија, но и индиректните ефекти од порастот на трошоците за електрична енергија за компаниите, коишто се пренесуваат врз финалните цени на другите производи и услуги.

„Централните банки, со својот мандат, немаат директна улога во овој процес. Сепак, Народната банка прави напори да обезбеди поповолен амбиент за инвестирање во обновливи извори на енергија. За таа цел се и промените во инструментот задолжителна резерва, насочени кон поттикнување на финансирањето инвестиции во обновливи извори на енергија и енергетска одржливост. Станува збор за нестандардна мерка со која се поттикнува кредитирањето на проектите поврзани со домашното производство на електрична енергија од обновливи извори“, вели гувернерката.

Во интервјуто Ангеловска-Бежоска најавува дека Народната банка е во завршна фаза на изготвување на стратегијата за поттикнување „зелени финансии“ којашто ќе опфати системски мерки за подигнување на свеста за климатските промени и потребата за нивно намалување преку активностите на финансискиот сектор, истовремено водејќи сметка за одржување и на неговата стабилност и за непречена кредитна поддршка на економската активност.

09.03.2023 - 10:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега