АХВ донесе забрана за увоз и употреба на желудник од живина во производството на подготовки од месо
Поради утврдени потенцијали ризици од употребата на мускулниот дел од желудникот на живината по здравјето на луѓето (можна контаминација со патогени - бактерии и вируси, присуство на токсини и сл.), а со цел обезбедување на висок степен на заштита на јавното здравје и интересите на потрошувачите, Агенцијата за храна и ветеринарство ( АХВ) донесе решение за забрана за увоз и употреба на пилешки желудник наменети за човечка исхрана, во производство на подготовки и производи од месо. Решението ќе почне да се применува од 1 август годинава.
Сите количини пилешки желудник кои се претходно увезени и складирани, операторите со храна треба да ги потрошат во рок од 60 дена од денот на отпочнување на примена на Решението. Со цел превенирање на можна злоупотреба на веќе увезените количини, во наредните два месеца, инспекциските служби на Агенцијата ќе спроведуваат засилени контроли во малопродажните објекти каде се продава месо, подготовки и производи од месо како и во месарниците и месните индустрии.
Одлуката за забрана за увоз на пилешки желудници Агенцијата за храна и ветеринарство ја донесе врз основа на резултатите направената анализа на ризик од можни опасности по здравјето на граѓаните од консумација на овој тип внатрешни органи од живина по здравјето на граѓаните и од резултатите од досега спроведените инспекциски контроли со кои е утврдена злоупотреба и измама на потрошувачите од страна на неколку месни индустрии. Со контролите утврдена е употреба на овој вид внатрешен орган од живина во подготовки од месо, каде не смее да ги има согласно одредбите од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за барањата во однос на квалитетот на меленото месо, подготовки од месо и производи од месо (Сл. весник на РМ, бр. 42 од 21.2.2019 година). Со овој подзаконски акт забранета е употребата на некои внатрешни органи, вклучително и мускулен дел од желудник на живина во производство на мелено месо и подготовки од месо, како што се плескавиците и ќебапите, а кои исклучително може да се подготвуваат од месо од говеда, овци, кози и свињи и други додадени состојки, но не и од пилешки желудници и МОМ (месно обескостено месо).
Употребата на мускулен дел од желудник на живина сега е дозволена исклучиво во производство на производи од месо (колбаси, сувомесни производи, конзерви и други производи), само во одобрен објект (месни индустрии) и само доколку наведените производи подлежат на соодветен термички топлотен третман.
За донесувањето на Решението, АХВ ги извести стопанските комори и Здружението на шпедитери.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа