Затворски казни за "ширење дезинформации" - оваа држава донесе контроверзен закон за контрола на социјалните мрежи
Долниот дом на пакистанскиот Парламент го усвои новиот "Закон за спречување на електронски криминал", кој и дава на државата сеопфатна контрола врз социјалните мрежи и предвидува казни затвор за "ширење дезинформации".
Синдикатите на новинари и уредници на медиумите го критикуваа новиот „Закон за спречување на електронски криминал“, за кој велат дека е последица на напорите на Владата за дополнително сузбивање на слободата на опозицискиот говор. Според новиот закон, ќе се формира „Управа за заштита и регулирање на социјалните медиуми“, овластена веднаш да блокира содржини на социјалните мрежи за кои смета дека се „нелегални и навредливи“, како што се критиките на судиите, вооружените сили, Парламентот и локалните власти.
Поединци и организации кои објавуваат таква содржина, исто така, може да бидат блокирани од пристап до социјалните мрежи.
Согласно новиот закон, социјалните мрежи мора да се регистрираат кај новата „Управа за заштита и регулирање на социјалните медиуми“, а оние кои нема да го почитуваат ќе бидат забранети.
Законот го прогласува „ширењето дезинформации“ за кривично дело, казниво со три години затвор и парична казна од два милиони рупии (6.870 евра).
Пакистанските медиуми се под зголемена цензура во последните години, а социјалната мрежа Икс беше забранета една година бидејќи опозицијата таму доби голема поддршка.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа