Заев: Луѓето во Грција ми велат дека сум добар човек

 

За придобивките од Договорот од Преспа, за блиските односи со Грција, за билатералната соработка, за ставот на опозицијата кај нас, за членството на земјава во Европската Унија, но и за пораките што ги добива од грчките граѓани,  говори поранешениот премиер на Сверна Македонија Зоран Заев за грчкиот весник „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во интервјуто под наслов „По Договорот од Преспа Грција претставува верен пријател“, Заев истанува дека по постигнатиот договор, луѓето ги видоа придобивките и веќе постои зголемена соработка.

-Во Северна Македонија имаше многу инвестиции од Грција, особено во енергетиката, додека во периодот на корона вирусот, Грција ни помогна со тоа што ни обезбеди вакцини. Сега градиме заеднички енергетски пазар и се обидуваме да бидеме отпорни и подобро подготвени за идните енергетски кризи. Ние сме мал регион и ако работиме заедно, ќе бидеме навистина посилни, вели Заев.

За реакциите во внатрешноста на Северна Македонија, поранешниот премиер објаснува дека одредени десничарски партии продолжуваат да не го прифаќаат Договорот од Преспа, меѓутоа посочува дека сега веќе е дел од Уставот и тоа мора да се почитува.

-Дури и лидерот на опозицијата Христијан Мицковски јавно коментираше дека нема враќање назад. Затоа мора да продолжиме кон иднината. Како што тогашната грчка опозиција беше против, денес како Влада наоѓа начини и ја продолжува соработката, бидејќи никој не сака да уништи нешто што е корисно и за двете страни, истакнува Заев и изразува уверување дека доколку ВМРО дојде на власт ќе го почитува договорот.

Објаснува дека опозициската партија, без разлика дали ќе остане опозиција или ќе дојде на власт мора да го почитуваат Уставот, „бидејќи Уставот е најголемиот правен акт во државата“, но и „мора да бидат паметни и да продолжат да работат заедно“ со Грција.

Споменува дека по Договорот од Преспа регионот се менува и не само во енергетскиот сектор, туку и во земјоделството, текстилот, металната индустрија итн, истакнувајќи дека „соработката е многу видлива“ и посочува се очекуваат над 2,5 милијарди евра инвестиции од Грција во Северна Македонија, во енергетиката и другите сектори, што пртставува 25 отсто од нашиот БДП.  

Заев вели дека по Договорот од Преспа блискоста со Турција и понатаму постои, но граѓаните веќе ја чувствуваат Грција поблиска, бидејќи е нашиот прв сосед и „стана многу видливо дека Грција е еден од нашите најверни пријатели и тоа го гледаме во анкетите“.

Објаснува дека пред Договорот, на истражувањата на јавното мислење јужниот сосед „ беше еден од нашите три најголеми политички непријатели“, а сега е еден од петте најдобри пријатели на Северна Македонија.

-Како политичар многу често сум во Грција, бидејќи моите деца студираат во Солун и сретнувам многу луѓе. Сите се толку љубезни, а постојат и оние кои велат „Господине Заев, јас сум против Преспа, но Вие сте добар човек. Затоа, ајде да соработуваме“, открива поранешниот премиер.

Заев преку „Катимерини“ изрази благодарност до актуелната грчка влада за поддршката за нашето членство во НАТО и за интеграцијата во ЕУ.

-Премиерот Мицотакис, министерот Дендиас и другите се бореа толку позитивно за Северна Македонија во Европската унија, Европскиот совет и Советот на Европа.  Ова го прават пријателите и ние сме многу благодарни и нашите граѓани го знаат тоа, истакнува Заев.

На прашањето каде ја гледа земјава за 10-15 години, изразува уверување дека најдоцна до 2030 година Северна Македонија ќе биде земја членка на ЕУ и со сите еформи направени досега „ќе имаме побрз пристапен процес во споредба со другите земји“. 

12.05.2023 - 14:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега