Николоски: Пендаровски арогантно дели ‘ум’ на светски лидери, а самиот не се гледа
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, жестоко го нападна поранешниот претседател Стево Пендаровски, обвинувајќи го дека по десет месеци молк, сега се појавува во јавност само за да го напаѓа премиерот Христијан Мицкоски и поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за американскиот претседател Доналд Трамп.
„Човекот што двапати загуби претседателски избори, вториот пат со историски најголема разлика, сега реши да излезе во јавност и да напаѓа. Наместо да се соочи со сопствениот неуспех, тој арогантно дели ‘ум’ на светски лидери, а самиот не се гледа“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој го обвини Пендаровски дека, иако ветил, не се откажал од доживотната пензија што ја добива на товар на граѓаните, а истовремено напаѓа стратешки партнери како САД.
„Пендаровски кој зема пензија од државата сега го напаѓа претседателот на нашиот најголем сојузник, САД. Дали е тоа патриотизам или чиста фрустрација од изборниот пораз?“, праша Николоски.
Тој дополнително го обвини поранешниот претседател дека за време на неговиот мандат ја злоупотребувал Агенцијата за разузнавање за да фабрикува извештаи против ВМРО-ДПМНЕ, обидувајќи се да ги претстави како „проруски, антизападни и антиамерикански“.
„За мене слушам напишале дека сум претставник на ‘иранско-турско-унгарско’ влијание. Па, замислете, толку ги плашеше ВМРО-ДПМНЕ, што сакаа половина од носителите на нашите листи да завршат на црна листа, само за да се спасат од пораз!“, обвини Николоски.
На крајот, тој му порача на Пендаровски да не ја руши позицијата на Македонија и да се фокусира на своето пензионирање.
„Стево, троши си ја пензијата и не се брукај. Дружи се со пријателите од Агенцијата за разузнавање додека можеш!“, заклучи Николоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа