Забрана за објава на непристојни фотографии за празници, ставови и коментирања добија вработените во тетовската болница по случајот со тик-ток анестезиологот

 

 

Десетина правила, од кои дел се забрани, добија вработените во тетовската болница, откако новиот колега анестезиолог се вклучи во живо на „Тик-ток“ и снимаше пациентки на гинеколошкиот оддел. Забраните ги потпиша организацискиот директор, Арменд Фазлиу. Најголем дел одредуваат како вработените ќе се однесуваат на социјалните мрежи и што смеат, а што не смеат да објавуваат на нивните профили.

„Воздржете се од критики, хумор и потсмев на вашите колеги во работно време и преку социјалните мрежи. Ова покажува дека лекарите ја изгубиле почитта кон колегите и го одразува рушењето на меѓу-колегијалното единство и соработка“, „Не објавувајте непристојни фотографии за време на празниците, ова влијае на вашиот углед и на угледот на болницата како ваш работодавач“, „Се предлага вашите социјални мрежи да бидат ограничени само на вашите блиски пријатели кои не ги злоупотребуваат вашите фотографии, размислувања и ставови. Внимавајте кого прифаќате за пријател или следбеник на социјалните мрежи“, стои во болничкото известување до вработените.

Првите одредби од правилата наложуваат забрана за објавување на приватни информации и тајни на пациентите. Се потсетува дека прекршувањето на ова правило е казниво и со македонските закони.

„Не давајте медицински информации и стручни совети на социјалните мрежи врз основа на историја на било кој пациент кој ви се обратил за помош. Не ги земајте како примери вашите пациенти за да објасните некоја болест и начинот на нејзино лекување. Медицинските совети треба да се даваат во амбуланта, одделение или во дискретен разговор со пациентот. Изјавите за медиумите и социјалните мрежи треба да се дадат откако ќе се разговара за потребата со болничките власти“, се додава во известувањето.

На вработените им е наложено и да се воздржат од коментирање на актуелни, општествени и политички теми.

Ваквиот правилник во болницата е донесен во вторникот. Пред ова, анестезиолог кој е осомничен дека сторил две дела, на тик-ток емитуваше снимки во живо од гинеколошкиот оддел. Тој доби и притвор.

21.04.2023 - 12:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега