За власта не треба да се чека со уставните измени, за опозицијата проблем се слабите реформи

Националниот совет за евроинтеграции и собраниската Комисија за европски прашања денеска во Собранието одржаа заедничка седница на која беа разгледани Нацрт Патоказот за владеење на правото и Нацрт Патоказот за реформа на јавната администрација. 

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ истакна дека двата документа произлегуваат непосредно од скринингот кој беше успешно завршен во ноември и кои се услови заедно со Акцискиот план за заштита на припадниците на немнозинските заедници за отварање на првиот кластер.  

Целиот овој процес од почетокот на преговорите во јули минатата година, се надоврза на целиот труд вложен во претходните десеттина години за, како што рече,  да дојдеме до оваа клучна точка која што треба да го отвори првиот кластер. Успехот на скрининг процесот се должеше, додаде тој, на интензивна работа од околу 100 работни дена, ангажман од преку 1000 учесници од 200 различни институции кои што подготвија 850 презентации во текот на скрининг процесот, потсети Маричиќ. 

-При подготовка на сите документи нашата администарција ги имаше предвид Извештајот од скринингот за Кластер 1, Извештајот за напредок на државата кој се диксутираше и на овие тела во Собранието, при што заедно со ЕК се обидовме да ги адресираме најголемите недостатоци во клучните области и да ги ставиме во форма на цели и задачи за наредниот 6-7 годишен период до 2030 година кога очекуваме да ги завршиме преговорите за членство. Паралелно со ова сме во координација со МНР и други институции за подготовка на Нацрт акцискиот план, рече Маричиќ. 

Патоказот за владеење на правото ги опфаќа клучните теми од поглавјето 23  - правосудство и темелни права, и поглавјето 24 – правда, слобода и безбедност, а пропратен документ се и другите мерки од Акцискиот план.  

-Приоритетни области во Поглавјето 23 се правосудството, борба против корупцијата и темелните права и свесни сме дека најтешките задачи особено по доставувањето на Извештајот од Оценската мисија за Судскиот совет треба да бидат токму во овие области доколку сакаме да изградиме правна држава која сигурно ќе чекори на патот кон полноправното членство. Зајакнувањето на независниста на правосудсниот и обвинителскиот систем како и континуираното спроведување на законодавството и спроведување на соодветен трек рекорд – односно извештај за спорведувањето на законите, вклучително правилата за именување на судии и јавни обвинители засновани на заслуги, унапредувања, постапките за дисциплинска одговорност и разрешување, кои што исклучиво треба да бидат врз основа на објективни критериуми, а целта треба да биде да ги постигнеме со мерките кои се предвидени во оваа областа. Борбата против корупцијата е исто така еден од приоритетите во патоказот, а мерките се насочени покрај кон зајакнување на постоечката законодавна рамка, и на зајаканување на положбата на клучните институции и нивниот капацитет и нивната оперативна можност, посочи Маричиќ. 

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Александар Николоски меѓу другото посочи Планот за раст е добар механизам кој што ЕУ го предлага и државата треба да ги искористиме овие средства со цел да поттикне раст и поинтензивно да работи на подобрување на инфраструктурата и патна и железничка, на комуникациите на дигитализација, но исто така и на давање на шанса на приватниот сектор. Но, државата вели, не може да се пофали со реформи во областа на владеење на правото, а основна причина зошто не почнавме преговори за членство со ЕУ е високото ниво на криминал и корупција.  

-Ние немаме проблем со најсилната земја членка на ЕУ ние имаме проблем со најслабата или втората најслаба земја членка на ЕУ многу повеќе ЕУ и треба на Бугарија отколку што Бугарија и треба на ЕУ и има соодветни механизми со кои што и самата ЕУ, но и земјите членки можат да направат притисок врз Бугарија доколку се убедени дека Македонија заслужува почеток на преговори но за жал неколку големи земји членки не се убедени дека Македонија заслужува почеток на преговори пред се и заради високото ниво на криминал и корупција и немањето на функционален систем на владеење на правото, рече Николовски.  

Според него, после следните парламентарни избори убеден е дека земјата има и добро поставени институции и добро законодавство, треба само професионалците во институциите да се остават да работат, а првите резултати ќе се видат за само шест до девет месеци.  

-Ова е нешто со кое што дел од моите политички опоненти знаат и да се потсмеваат но јас сум убеден дека за 6-9 месеци работите можат да се средат или да почнат да се средуваат во Македонија во делот на борба со организираниот криминал и корупција и воспоставувањето на функционален систем на владеење на правото, вели Николоски. 

Следи консултација за Нацрт патоказите со НВО-секторот, по што треба да бидат усвоени на Влада.

Заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции и собраниската Комисија за европски прашања требаше да се одржи на 11 декември, но беше одложена поради, како што беше посочено, неисполнување на законските услови и обврски за затворена седница со класифициран материјал со степен на тајност.

20.12.2023 - 15:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега