Вучиќ: Лавров во Скопје ја кажа вистината кога е Србија во прашање
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оцени дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје кажал сè вистинито кога е Србија во прашање.
Вучиќ за ТВ Пинк изјави дека Лавров зборувал за многу поважни работи за Србија и за српскиот народ од оценката дека Србија нема да отвори ново поглавје во преговорите со Европската унија доколку не воведе санкции кон Русија.
„Во основа, Лавров кажа сè вистинито. Зборуваше и за многу поважни работи за Србија и како функционирала од 2013 година, како ја мамеле нашата земја по Бриселскиот договор за да постигнат нешто што требало да се исполни, а кога тоа не се исполнило, на Србите им кажувале – па ете десет години не е исполнето, па сега ќе добиете дупло помалку од што баравте. Тоа е вистина, тоа се случува“, изјави Вучиќ.
Посочи дека се поставува прашањето што може Србија да промени, за да немаме војни и државата да напредува економски.
„Вистината е дека нашите раце се прилично врзани и ги држиме своите многу подобро отколку што некој би очекувал во однос на зачувување на независноста, суверенитетот, зачувување на границите и донесување одлуки. Но, фактот дека ситуацијата е тешка, сигурно е дека ќе биде и уште потешка, го потврдуваат и одлуките во кои некои сметаат дека би било добро Европската комисија да го вклучи Охридскиот договор како дел од преговарачкото поглавје. “ изјави Вучиќ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа