Втор круг од парламентарните избори во Франција

Во Франција денеска се одржува вториот круг од парламентарните избори, на кои се предвидува победа на екстремната десница, но со недоволно мнозинство за формирање влада.

Евроскептичната, антиимигрантска партија Национален собир (РН) на Марин Ле Пен беше најуспешна во првиот круг од изборите со освоени над една третина од гласовите, што го отвори патот за првата француска екстремно десничарска Влада по Втората светска војна.

Но, поради специфичноста на францускиот изборен систем, првиот круг не е одлучувачки, Франција е поделена на 577 изборни единици и во секоја се избира по еден претставник. За влез во парламентот во првиот круг потребно е апсолутно мнозинство гласови. Инаку, во вториот круг влегуваат сите кандидати кои ќе освојат повеќе од 12,5 отсто од гласовите.

Во првиот круг беа избрани само 76 претставници, а во сите други единици во вториот изборен круг требаше да се водат четворобои, тробои или двобои. Системот, сепак, им овозможува на партиите од центарот, левицата и либералите тактички да се договорат и да го остават во трка само кандидатот кој има најдобра позиција да победи против кандидатот на РН, а другите да ги повлечат и со тоа да го спречат трошењето на гласови.

Бидејќи „мејнстрим“ партиите успеаја да се договорат за заеднички настап против РН, анкетите предвидуваат дека бројот на екстремно десничарските претставници ќе биде помал од првично очекуваниот. Марин Ле Пен не се откажува и тврди дека „републиканскиот фронт“ на главните партии покажува презир кон нејзините гласачи и затоа ги повикува масовно да излезат и во вториот круг од изборите.

– Се добива впечаток дека сето ова е дизајнирано да ги демотивира нашите гласачи. За среќа, ги познавам и знам дека се многу мотивирани, па им велам „одете и гласајте“, рече Ле Пен за радио Европа 1 и ТВ CNews. „Ни требаат сите“, нагласи таа.

Различни анкети предвидуваат дека РН ќе освои од минимум 175 до максимални 230 места во парламентот.

Обединетата левица (Новиот народен фронт, НФП) би можела да добие од 145 до 175 мандати, а либералната коалиција Заедно на претседателот Емануел Макрон од 130 на 160 места. Но, европратеникот Рафаел Глуксман, еден од политичките лидери на НФП, предупреди дека никој не треба да ги зема здраво за готово анкетите.

-Коментаторите и политичарите веќе зборуваат како РН да нема апсолутно мнозинство и си честитаат што успеале да го блокираат. Мислам дека тоа би можело да ги демобилизира гласачите и загрижен сум. Има плимски бран во корист на РН, изјави тој за радиото РТЛ.

07.07.2024 - 15:31

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега