Вработени во МВР со над 150 часови прекувремена работа во 2022 година наскоро ќе добијат бонус средства
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на својот фејсбук-профил објави дека започнува прибирањето на податоци за вработени во МВР коишто оствариле над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво, со што, на нив, согласно Колективниот договор, ќе им бидат исплатени бонус плати.
– Откако го преземав раководењето со МВР, како приоритет се воспостави редовната исплата на бонус плати за над 150 изработени часови прекувремена работа на годишно ниво, како гарантирано право на вработените во МВР согласно Колективниот договор. Така, во периодот од 2017 до 2022 исплатени се бонус платите за 2017 и 2018, за коишто не беа обезбедени и исплатени средства од претходното раководство на МВР, а продолживме и со редовна исплата на бонус платите за 2019, 2020 и 2021 година, за што вкупно беа обезбедени и издвоени 561.773.133 денари или 9.060.857 евра, средства од Буџетот на МВР предвидени за остварување на ова право на вработените, истакна Спасовски на Фејсбук.
Тој додаде дека благодарение на спроведените одговорни економски политики и како резултат на домаќинското работење, била зголемена просечната плата, а со тоа растел и поединечниот износ на бонус платите во МВР.
-Колку за илустрација, ако бонус платата во 2017 година поединечно изнесуваше 22.928 денари, во 2023 година можеме да се пофалиме со бонус плата за 2022 година во поединечен износ од 31.859 денари, што претставува зголемување на износот од безмалку 40 отсто. Подобрувањето на статусот на вработените во МВР е од императивно значење за ова раководство на МВР, а во насока на нашиот концепт „Задоволна полиција – безбедни граѓани”, со којшто покажавме одлични резултати во гарантирање на безбедноста и борбата против секаков вид криминал, заклучи Спасовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа