Вонредни контроли на АХВ: Пронајдени небезбедни производи, продукти се чувале на амбиентална температура

 

По вонредните засилени контроли, кои Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги спроведе во туристичките центри во земјата, покрај редовните контроли, инспекциските служби на АХВ продолжуваат со спроведување засилени контроли на целата територија на државата.

 

Во моментот, како што информираат од АХВ, во тек е спроведување вонредни контроли во угостителските објекти во целата земја.

Минатата недела спроведени беа засилени контроли во главниот град како честа туристичка дестинација. Контроли беа спроведени кај оператори со храна, вклучувајќи ги и пазарот Бит-пазар, познатата пластичарска улица и Старата скопската чаршија како една од најпосетуваните туристички дестинации во Скопје.

Таму контроли беа спроведени кај 62 оператора – кафе-барови, ресторани, гостилници, сендвичарници, пекарници, слаткарници бурекџилници, ќебапчилници, месарници и чајџилници и други.

Вонредни контроли во Скопје минатата недела беа спроведени и кај оператори што се занимаваат со трговија на производи и материјали што доаѓаат во контакт со храната.

Надзори се спроведени кај десеттина оператори и еден магацин за оваа категорија производи. Со контролите најдени се оператори со нерегистрирана дејност, при што е наложено нивна регистрација.

Кај некои оператори со храна утврдени се недоследности во однос на хигиената за што е наредено спроведување мерки за чистење и дезинфекција, немање санирани книшки за вработените, но и недоследности од поголем обем, како што се ставање во промет небезбеден производ, недеклариран производ, чување храна на амбиентална температура, а пронајдени се и оператори со нерегистрирана дејност.

Во тридневните спроведени вонредни контроли инспекциските служби на АХВ издадоа 33 решенија за утврдените недоследности, а изречени се и 14 глоби. Покрај ова, изречени се и мерки за забрана за вршење дејност до исполнување на условите, наредено е регистрирање на нерегистрираните оператори со храна, а како небезбедни уништени се 640 килограми храна од животинско потекло.

Инспекциските надзори на зелените пазари во главниот град продолжуваат и во наредниот период, најави АХВ.

Инспекциските служби на АХВ во петокот спроведоа надзор и во месарница во туристичкиот центар Охрид. Поради нечитка декларација и пласирање небезбеден производ на пазарот, нештетно се уништени 10,7 килограми смеса од мелено месо. На правното лице изречена му е глоба од 10.00 евра, а на одговорното лице во правното лице дополнителни 400 евра казна во денарска противвредност.

Според Агенцијата, покрај вонредните засилени контроли, инспекциските служби на АХВ продолжуваат со
спроведување и на редовните контроли во согласност со годишниот план.

Во првите 6 месеци од годината во внатрешниот промет спроведени се 24.335 инспекциски контроли. Изречени биле вкупно 2.433 инспекциски мерки, а уништени се 37,6 тони и 13.654 литри небезбедна храна.

26.08.2024 - 12:19

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега