Пожар избувна во дворот на Психијатриската болница Бардовци - пациентите евакуирани
Денеска попладне избувна пожар во скопската населба ГеГе, кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од дворот на Психијатриската болница Бардовци. Делот од дворот бил обраснат со висока сува трева и дрвја, што претставуваше сериозна опасност огнот да се прошири низ целиот комплекс на болницата.
Веднаш по дојавата, екипите пристапија кон евакуација на пациентите и персоналот, кои беа безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
Центарот за управување со кризи (ЦУК), под водство на директорот Мухамед Али, веднаш побара дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координираше со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледуваше можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која веќе дејствуваше во општина Чучер Сандево – Блаце, со цел да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево, каде исто така има активен пожар.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција за справување со огнената стихија и безбедноста на лицата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа