Волстрит Џурнал: Разузнавањето на САД покажува дека милитанти од Газа стојат зад експлозијата на болницата

 

Разузнавањето на САД примило „високо доверливи“ сигнали што покажуваат дека експлозијата во болницата во појасот Газа вчера била предизвикана од групата милитанти Палестински исламски џихад, јави денеска весникот Волстрит џурнал повикувајќи се на американски службеници.

Со ова се потврдуваат уверувањата на Израел дека земјата не е одговорна за смртоносната експлозија.

Службениците укажале дека проценката на САД е заснована на пресретнати комуникации и друго разузнавање собрано од одбраната на САД.

-Тековната проценка базирана на анализа на слики од воздух, пресретнати и информации од отворени извори, е дека Израел не е одговорен за експлозијата во болницата во Газа, изјави Адриен Ватсон, портпаролка на Националниот совет за безбедност на Белата куќа. Таа додаде дека САД продолжуваат да собираат информации за овој инцидент.

-Сум во длабока жалост и гнев од експлозијата во болницата во Газа вчера и засновано на тоа што го имам видено изгледа дека е сторено од другиот тим, не од вас, изјави денеска претседателот Џо Бајден стоејќи со премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Службениците истакнале дека Израел со САД споделиле своја независна разузнавачка проценка пред пристигањето на Бајден во Израел, делумно и во обид да ги отфрлат обвинувањата.

Подоцна Бајден им кажа на новинарите дека изјавата е базирана на „податоци што ми беа покажани од Министерството за одбрана“. Од Пентагон упатија на Белата куќа.

Арапските лидери продолжуваат да тврдат дека Израел е одговорен за експлозијата што според министерот за здравство на Газа, контролирана од Хамас, убила 471 лице. 

18.10.2023 - 20:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега