Во јануари претстои битка за универзален снабдувач: Ќе се дозволи ли конкуренција, а со тоа и поевтина струја?

 

Дали македонските граѓани ќе плаќаат поевтина струја во наредните пет години ќе зависи од тоа кој ќе го добие договорот за Универзален снабдувач на електрична енергија.

Владата на 11 декември го објави јавниот повик за универзален снабдувач на струја за домаќинствата и малите потошувачи, а на пазарот, освен ЕВН Хоум, интерес пројавија и други компании од овој сектор. Условот е понудувачите да имаат обезбедено работен капитал во вредност од 40 милиони евра.

Неофицијално, една од нив е ЕДС (Енерџи Деливери Солушнс), зад која стои националната грчка енергетска компанија ППС.

Во јавноста веќе се дебатира дали ЕВН ќе биде единствениот понудувач за Универзален снабдувач или на јавниот оглас на Владата ќе бидат прифатени и апликациите на останати компании, како ЕДС, кои можат да му конкурираат на ЕВН во понудата на најповолна цена за снабдување со струја на граѓаните.

Петгодишниот договор со ЕВН Хоум истекува следната година, а оваа компанија на 1 јули 2019 беше избрана за универзален енергетски снабдувач на струја, со понуда за маржа од 11,5 проценти.

Аналитичарите во енергетскиот сектор се согласни дека со зголемениот интерес за учество на тендерот за Универзален снабдувач на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, ќе се овозможи здрава конкуренција и намалување на маржата за снабдувачот, а тоа на крај би резултирало со пониски цени на електричната енергија за граѓаните.

Министерот за економија Крешник Бектеши веќе најави дека на новиот повик за универзален снабдувач за снабдување со електрична ќе се бараат помали профитни маржи од компаниите што ќе конкурираат. И според Бектеши, ваквото барање ќе придонесе да се намали цената на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи.

Директорот на РКЕ Марко Бислимовски неодамна во интервју за Фактор изјави дека на овој повик заинтересираните треба да достават писмена понуда, по што ќе се оди на електронска аукција, а добрата работа, според него е што максималната профитна маржа што може да се понуди е сегашната – 11,5 проценти. Ако достави некој над таа маржа, нема да му се разгледува понудата, кажа Бислимовски.

Интерес за јавниот повик за Универзален снабдувач на струја од страна на ЕДС, покрај ЕВН Хоум ќе значи учество на компании од две земји членки на ЕУ, кои имаат највисоки директни инвестиции во Македонија.

23.12.2023 - 17:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега