ВМРО-ДПМНЕ обвинува: Груби се јавувал во JO да спречи да се отвори истрага за криминалот поврзан со него
После низата скандали кои беа обелоденети за Артан Груби, очигледна станува нервозата кај него. Загриженоста на Груби отишла до таму што се јавувал во Јавното обвинителство да спречат отворање на истрага за криминалот поврзан со него.
Ова изутрината го соопшти опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која минатата недела го обвини братот на Груби дека купил луксузен локал на улица Македонија од половина милион евра.
-Но Груби има толку многу скандали зад себе што може крими серија во неколку продолженија да се направи. Ако Јавното обвинителство решиле да ги пикаат сите случаи за него во фиока, ќе им треба голем фиокар. Артан Груби пред институциите ќе треба да одговара за луксузниот локал во сопственост на неговиот брат кој го купиле за половина милион евра. Дури и да е точна верзијата на Груби дека локалот чини само 100 илјади евра, тогаш повторно треба да одговори како може на атрактивна локација неговото семејство да купи деловен простор за 700 евра по квадрат, а реалната цена да е над 2000 евра по метар квадратен, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, Груби треба да им објасни на институциите како шалтерски работник отворил фирма за баждарење и за неа добил акредитација од директорката на Бирото за метеорологија, која е кадар на ДУИ.
-Груби треба да им објасни на институциите како истата негова омилена директорка се стекнала со луксузна хациенда на Попова Шапка и истата не ја пријавила во анкетен лист. Патем таа директорка набавила и комбе за 600 илјади евра, односно за три години спровела три сомнителни јавни набавки тешки 2 милиона евра, веројатно затоа што се чувствува заштитена од некој силно позициониран сопартиец. Груби треба да им објасни на институциите дали тој создал октопод околу себе кој се богати, додека народот осиромашува, се вели во дописот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа