ВМРО-ДПМНЕ му врати на ДУИ: Прв вицепремиер не постои во законот

Тоа што ДУИ сменила Деловник за Груби да си мисли дека е прв Вицепремиер има значење колку коцките нацртани со креда на улица означувајќи полиња за игра со топка, таква функција не постои согласно закон, регира ВМРО-ДПМНЕ.

„ДУИ манифестира елементарно непознавање на правото. Прв Вицепремиер не постои согласно закон. ДУИ треба да знае дека Деловник за работа на влада, не може да биде над закон. Законот познава термин Вицепремиер, не и прв Вицепремиер. Тоа што ДУИ смениле Деловник за Груби да си мисли дека е прв Вицепремиер има значење колку коцките нацртани со креда на улица означувајќи полиња за игра со топка. ДУИ покрај тоа што многу краделе во минатото, многу и лажеле. Помина времето на лаги“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера на новинарско прашање рече дека со Изет Меџити имаат џентлменски договор дека тој е прв вицепремиер, но дека тоа не е поддржано со закон.

– Според законот кој што е важечки, Владата, односно премиерот има заменици, а договорот којшто го имаме во рамките на коалицијата е да има прв вицепремиер и тоа ќе биде господинот Изет Меџити. Но тоа е надвор од законот. Законот вели, односно подразбира само заменици на претседателот на Владата. Тоа што досега е работено диво и незаконски, тоа нема да биде пракса во работењето на оваа Влада. Но, да, џентлменскиот договор во рамките на нашата коалиција и во рамките на нашето функционирање е таква – рече Мицкоски, кој денеска беше на ставање камен темелник на основно училиште во Драчево.

Прв вицепремиер во минатата Влада беше Артан Груби од ДУИ, а за првпат тој беше назначен како вицепремиер во Владата на 20 август 2020 година во Владата на Зоран Заев.

27.06.2024 - 09:37

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега