Владата ја обврза ЕСМ да обезбеди парно греење во Скопје
Владата на денешната 86-та седница, со цел обезбедување топлинска енергија во Скопје, донесе одлука со којашто на ЕСМ Продажба ДООЕЛ Скопје му се наметнува обврската за обезбедување на оваа јавна услуга.
– Обврската на ЕСМ ДООЕЛ Скопје се однесува на вршење енергетска дејност: регулирано производство на топлинска енергија за потребите на потрошувачите на дел од подрачјето на градот Скопје и тоа за подрачјата на општините: Аеродром, дел од Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар и Чаир, како и за обезбедување топлинска енергија за покривање на загубите во системот, системска резерва и системски услуги за одржување на потребните работни параметри во рамките на системот за топлинска енергија за овие делови од Град Скопје, соопштија од владината прес-служба.
На денешната седница Владата усвои и измени и дополнувања на Уредбата за критериумите и условите за прогласување кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на електрична енергија, начинот на снабдување со електрична енергија во кризна состојба, мерки што се преземаат во случај на кризна состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на електроенергетски дејности.
– Во Уредбата, којашто предвидува ограничување на потрошувачката на електрична енергија и обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија, вклучително и балансна енергија и резерва за активна моќност, со измените и дополнувањата, направени на барање на Министерството за економија, е предвидена можност и за преземање мерки за спречување злоупотреби и манипулации, при обезбедување на универзална услуга на пазарот на електрична енергија, како и мерки за обезбедување на непречено и сигурно снабдување со електрична енергија, од страна на универзалниот снабдувач, на потрошувачите кои вршат дејност од јавен интерес, како и на други потрошувачи кои не се снабдуваат од универзалниот снабдувач, заради заштита на животниот стандард, истакнаа од владината прес-служба.
04.10.2022 - 20:07
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа