(Видео) Вознемирувачки снимки од Либија: Болниците не можат да ги примат жртвите од разорните поплави, улици полни со тела

 

Бројот на загинати во разорните поплави во градот Дерна во источна Либија драстично се зголеми. Во соопштението за медиумите, Министерството за внатрешни работи наведува дека загинале 5.300 луѓе, додека илјадници се водат како исчезнати.

На социјалните мрежи се појавија видеа од тела расфрлани по улиците во близина на болницата, која не може да прими толку многу мртви.

„Улиците се полни со тела“, се вели во описот на видеото, снимено во градот Дерна.

„Локалните спасувачки тимови ја продолжуваат потрагата по исчезнатите лица“, изјави Мохамед Аболмоса, портпарол на министерството и повика на „меѓународна интервенција за помош во спасувачките напори“.

Преживеаните од поплавите во Либија претходно опишаа дека слушнале експлозија кога една од двете брани во Дерна пукнала и цунами го зафатил градот, а водата се искачила на третиот кат од зградите. Некои избегаа скокајќи од покрив на покрив, други со часови останаа во своите поплавени станови, додека водата речиси стигна до таванот, стои во написите.

На влезот во Дерна, град со 100.000 жители во источна Либија, група преживеани побараа засолниште откако нивните домови беа уништени. Многумина беа во пижами и влечки, бидејќи немаа време да се пресоблечат: трчаа најбрзо што можеа за да се спасат.

Раџа Саси (39) побегнал со сопругата и ќерката кога водата стигнала до горниот кат од нивната куќа. Сите други членови на семејството беа убиени.

„Прво мислевме дека е само силен дожд, но на полноќ слушнавме огромна експлозија. Браната пукна“, рече тој, додавајќи дека улиците во центарот на градот се полни со мртви.

Претседателскиот совет на Либија во понеделникот апелираше до соседните земји и меѓународните хуманитарни групи да се соберат во областите погодени од поплавите во источниот регион.

Други градови и населени места погодени од уништувањето за време на викендот се Бенгази, Бајда, Ал Марџ и Суза.

Абдул Хамид Дбеибех, шеф на либиската влада со седиште во Триполи, ги прогласи сите области погодени од смртоносните поплави за зони на катастрофа и прогласи тридневна национална жалост.

13.09.2023 - 10:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега