(ВИДЕО) Спасовски најави воздухопловен тим за здравствен транспорт на лица низ државата

 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го посети Одделот за воздухопловни единици во седиштето на Хеликоптерската единица за полициски намени во Идризово, која во рамки на МВР постои веќе 54 години. Министерот Спасовски оствари работна средба со раководството на Одделот за воздухопловни единици, по што следеше разгледување на воздухопловите и опремата за нив, поставени на платото пред хеликоптерските хангари во Идризово.

Спасовски најави нов проект – тим од МВР и тим од Министерството за здравство за здравствен транспорт на лица низ државата.

„ Се надевам дека во најскоро време ке го започнеме тој проект, да комплетираме еден целосен тим од МВР со целосна опрема за еден воздухоплов и од Министерство за здравство за здравствен транспорт на лица низ државаѕа. Тоа ќе биде за првпат од постоењето на оваа единица во изминатите 54 години“ рече Спасовски.

Меѓудругото, Спасовски рече дека е инвестирано и во опрема за гаснење на пожари.

„Препознавајќи ги потребите на државата за поуспешно справување со пожарите, а со тоа и подобра заштита на граѓаните и имотот, Единицата беше опремена со 3 хеликоптери марка „Бел“, кои беа оспособени за гаснење на пожари, за да одговорат на потребите на граѓаните. Беше набавено едно ведро за „Бел 212“ и Симплекс резервоар за „Бел 412“ и овие хеликоптери веќе ги видовме на дело”, рече Спасовски.

За да се овозможи успешно користење на опремата, како што рече, се воспостави соработка со словенечката полиција, од чија страна беше спроведена меѓународна обука, и тоа за носење подвесен товар и за гаснење на пожари.

„Обуката успешно ја завршија и се сертифицираа сите пилоти на Хеликоптерската единица за полициски намени”, истакна Спасовски.

Тој нагласи дека за првпат македонската полиција ќе одржува флота на македонската армија, пред се хеликоптери од типот „Бел“ 206 и „Злин“.

Спасовски додаде дека можат да се пофалат дека имаат и жена пилот.

25.05.2023 - 14:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега