(ВИДЕО) „Ноу Камп“ исчезнува во урнатини
Култниот стадион на Барселона „Ноу Камп“ исчезна во урнатините на градилиштето како дел од неговиот проект за реконструкција, а навивачите со тага го следат уривањето на фудбалскиот храм за кој ги врзуваат многу спомени.
Репортерите од воздух ја снимија напредната фаза на уривањето на најголемиот европски стадион, кој имаше капацитет од близу 100.000 седишта. Видеата предизвикаа бројни реакции од навивачите на социјалните мрежи кои жалат за исчезнувањето на импозантната фудбалска зграда и симбол на градот.
Проектот за реконструкција на „Ноу Камп“ е вреден 1,5 милијарди евра, а ќе опфати доградба на покривот, уредување на сите трибини, нови семафори, нов телекомуникациски центар, изградба на нова сала …
Капацитетот на стадионот ќе биде зголемен на 105.000 седишта, а стадионот ќе има и ново име „Спотифај Ноу Камп“, како дел од нивното спонзорство со платформата за стриминг која на Барселона ќе и донесе околу 250 милиони евра.
Каталонците следната сезона ќе играат на Олимпискиот стадион „Монтјуик“, а во сезоната 2024/2025 се враќаат на својот стадион кој ќе биде отворен со капацитет од 50 проценти. Конечното отворање се очекува во 2026 година.
„Ноу Камп“ е дом на Барселона од официјалното отворање во 1957 година, кога го замени поранешниот стадион „Лес Кортс“, кој имаше капацитет од 48.000 седишта. Првично, официјалното име беше „Естади дел ФК Барселона“, но наскоро го доби прекарот „Ноу Камп“ (во превод, ново поле). Ова име стана официјално дури во 2000 година откако гласаа членовите на клубот.
Кога првпат беше отворен во 1957 година, примал 93.053 гледачи. Капацитетот беше зголемен на 120.000 за Светското првенство во 1982 година. Сепак, откако беа укинати местата за стоење, капацитетот е намален на 99.354.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа