(ВИДЕО) Кузеска до ВМРО-ДПМНЕ: Неспособни сте да се справите со пожарите - не бегајте од одговорност

 

Секогаш кога се бара одговорност за лошото справување со пожарите, секогаш кога се упатува критика за неспособноста на Владата, ВМРО-ДПМНЕ наоѓа начин да ја обвини СДСМ. Овој пат отидоа чекор подалеку и тврдат дека СДСМ ги подметнува пожарите. Апсурд кој не се памети! Ако навистина веруваат во такво нешто, тогаш дали и во општините каде градоначалници се од СДСМ – каде пожарите беснеат – пожарите се подметнати од блиски на ВМРО-ДПМНЕ?, прашува денеска портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Со вакви нелогични и навредливи тврдења ВМРО-ДПМНЕ покажува двојна неспособност – прво затоа што не успева да се справи со пожарите и штетите, и второ затоа што нивните безбедносни служби, ако навистина веруваат во подметнување, не откриле ништо навремено.

Ова е матрицата на ВМРО-ДПМНЕ: кога не знаат како да се справат со криза, кога не знаат како да управуваат со системот, кога не знаат како да ги намалат штетите, секогаш обвинуваат некој друг – во овој случај СДСМ.
Ја потсетуваме јавноста дека СДСМ постапуваше одговорно и конструктивно – во Собранието ги повлековме сите амандмани и поднесовме само два: едниот за трагедијата во Кочани, другиот за подобрување на системот за справување со пожарите. Тоа се предлози кои можат да помогнат веднаш.

Еве им шанса на ВМРО-ДПМНЕ да покажат зрелост и да ги прифатат. Наместо да измислуваат непријатели и да бегаат од одговорност, време е конечно да признаат дека СДСМ е конструктивна опозиција и дека секогаш постапува во интерес на државата и на граѓаните, додава Кузеска.

13.07.2025 - 14:00

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега