Утре вонреден инспекциски надзор во Клиничката болница Битола

 

Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска ја посетил Клиничката болница во Битола по информацијата за починатото новороденче, информираат од ресорното министерство. Оттаму соопштија дека утре ќе биде спроведен и вонреден инспекциски надзор од страна на надлежните институции.

„Министерот Фатмир Меџити по информацијата за починатото новороденче, ги откажа сите свои ангажмани и денеска ја посети Клиничката болница Битола, за на лице место да увиди што се случило. Истовремено, министерот се сретна и со родилката и изрази длабоко сочувство.  

Директорот на болницата, д-р Александар Обедниковски изјави дека во текот на породување настапила брадикардија, која покрај срцево-белодробно оживување е констатирана смрт. Од директорот е даден налог за обдукција. По налог на министерот утре ќе биде извршен вонреден инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за утврдување на текот на лекување на починатото новороденче“, стои во соопштението на Министерството за здравство испратено до медиумите по електронски пат. 

За потсетување, претходно денеска одекна веста во медиумите дека бебе починало во стомакот на родилка од Битола откако ѝ била дадена таблета да го испровоцира породувањето, ама родилката била пратена дома од лекарот гинеколог кој бил дента на смена.

Кога родилката се вратила ноќта на болница да раѓа веќе било доцна, дежурните лекари виделе дека бебето страда, по бојата и исцедокот на водењакот, се обиделе да ја породат родилката и да го реанимираат бебето, но му немало спас.

 

10.04.2023 - 16:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега