Пратеничката на „Влен“, Имрлије Сали-Фетаи ќе претседава со Комисијата за социјална политика
Пратеничката на „Влен“, Имрлије Сали-Фетаи ќе претседава со денешната седница на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, на чиј дневен ред има само една точка - Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка, потврдија за МИА од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Гаши во понеделникот го назначи пратеникот на „Европскиот фронт“ Бејџан Иљас да ја води Комисијата за социјална политика, демографија и млади откако оваа Комисија остана без претседател по оставката на Илире Даути. Назначувањето на Иљас беше прв обид на Гаши за деблокада на оваа Комисија, но заврши неуспешно откако пратеникот го известил дека денеска не е во можност да присуствува по што седницата беше одложена.
Иљас во изјава за МИА истакна дека до претседателот на Собранието во понеделникот доставил потпишано писмо во кое го известил спикерот Гаши дека не прифаќа да претседава со оваа Комисија, особено не со точка на чиј дневен ред ќе биде Предлог-законот за бранителите.
-Јас и „Европскиот фронт“ мислиме дека е направена голема неправда кон нашата колешка која беше претседателка на Комисијата. Партиите треба да седнат и да се доекипира Комисијата и на таков начин да се води расправа за законите, рече Иљас.
Проблемот во Комисијата за социјална политика почна во ноември минатата година откако пратеничката од Алијансата за Албанците Илире Даути одби да го стави на дневен ред Предлог-законот за бранители. Собранието на пленарна седница на 10 јануари со поддршка од 61 пратеник и 22 „против“ изгласа интерпелација на претседателката на собраниската Комисија за труд, социјална политика и млади Илире Даути. Интерпелацијата за Даути во ноември ја поднесе пратеничката група на „Левица“ поради тоа што Даути, како што беше посочено на пленарната седница, со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочела Законот за бранители поднесен од опозициската СДСМ со тоа што не го ставила на дневен ред на Комисијата со која претседава.Еедна недела подоцна Даути поднесе оставка од претседателската позиција во Комисија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа