Утре Кривичен ќе одлучува по жалбата на обвинителството за притворите за упадот во М-НАВ
Утре Кривичниот суд ќе одлучува по жалбата на обвинителството за неодредувањето мерки притвор на четвроицата уапсени за упадот во просторите на М-НАВ на 4 јанаури, пренесува Канал 5.
Тие потврдија дека добиената жалба ја доставиле на одговор кај адвокатите на осомничените и дека рокот истекува утре кога и најверојатно ќе се знае дали Кривичен ќе ја потврди првичната одлука или ќе биде преиначена.
За одлуката на судот да им бидат определени полесни мерки на осомничените меѓу кои е и Беким Незири, Кривичен се правдаше дека во тој момент не произлегувало дека осомничените во целост ги исполниле условите предвидени со кривично дело „загрозување на воздушниот сообраќај“, односно дека обвинителството не доставило доволно докази.
Обвинителството во жалбата пак наведе дека ги приложило сите докази дека постои реална опасност тие да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци и да го повторат делото, односно се задржале на она што е предмет на оваа фаза на постапката односно обезбедување на осомничените. Воедно, тие образложиле и зошто изрекувањето само на мерки на претпазливост од страна на судот е неосновано.
-Во однос на обележјата на кривичното дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од член 303 од КЗ опишано во ставот 2 oд тој член, тие се исполнети со самата можност да се загрози безбедноста на аеродром за меѓународeн воздушен сообраќај со акт на насилство и не е неопходно да настапила катастрофална штетна последица во смисла на тешка повреда, смрт или уништување, објаснуваат оттаму.
Обврска на четворицата уапсеани во моментов е да се пријавуваат во судот и да не ја напуштаат земјава.
По останатите 4 кои учествуваа во упадот интензивно се трага, велат од МВР.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа