Утре ќе се бојкотираат маркетите - Поддршка пристигна од сите страни
За утре е најавен голем бојкот на маркетите поради екстремн високите цени на производите. Бојкотот на кој се повикува на 31. Јануари добива се поголема поддршка на социјалните мрежи од граѓаните, а дел од граѓаните добија и летоци за бојкотот во сандачињата од зградите.
- „Повикуваме на масовен бојкот во петок. Воздржете се од купување во големите маркети, избегнувајте ги помалите маркети. Сакаме да испратиме порака дека граѓаните нема да ги толерираат овие нереални поскапувања,“ велат организаторите на бојкотот на социјалните мрежи.
Премиерот Христијан Мицкоски даде поддршка за бојкотот велејќи дека според него тоа е директен напад на Македонија и народот: - Растот на цените ја нагласува потребата за одлучна, одговорна и транспарентна акција. Како Влада, остануваме целосно посветени на борбата против неправедните трговски практики и злоупотребите кои директно влијаат на животниот стандард. Во духот на солидарноста, го разбирам повикот за бојкот на маркетите, како чин на граѓански отпор против монополското однесување и општествената неодговорност на поединечни трговци. Имам јасни сознанија дека одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни профити на грбот на граѓаните. Ова е неприфатливо и нема да биде толерирано! Ве уверувам дека преземаме конкретни мерки. Ќе инсистирам на транспарентност и ригорозни казни за сите кои ќе се утврди дека го изигруваат законот и ги злоупотребуваат граѓаните и добавувачите. Заедно ќе се спротивставиме на сите кои мислат дека ќе се богатат на наша сметка. Ќе се справиме со овој проблем и ќе направиме сè што е во наша моќ за да го заштитиме животниот стандард на сите наши граѓани! Во исто време, ќе продолжиме и со субвенционирање на најпогодените категории на граѓани за дополнително да ги минимизираме негативните ефекти од растот на цените. Ги повикувам сите надлежни институции, но и трговците, да се однесуваат со максимална одговорност и почит кон народот. Ова се времиња на чесност, фер игра и солидарност! Заедно ќе изградиме систем кој ќе биде во корист на сите, наспроти интересите на неколкумина кои сакаат да се богатат на маката на граѓаните!, рече Мицкоски.
Поддршка даде и ВМРО-ДПМНЕ, но и СДСМ. Исто така, поддршка за бојкотот доаѓа и од Партијата на пензионери.
- Партијата на пензионери во потполност ја разбира и ја поддржува граѓанската иницијатива за бојкот на маркетите на ден 31.01.2025 г., на која се повикува на социјалните мрежи во земјата. Пензионерите како една од економски најзагрозените категории во општеството, длабоко е засегната од вкоренетата пракса на огромен број на трговци и трговски ланци за манипулација и изигрување на Законот за нефер трговски практики, што дефинитивно претставува акт за најостра осуда. Затоа Партијата на пензионери во целост ја поддржува иницијативата и ги повикува своите членови, сите пензионери и граѓани да го покажат својот став со конкретна акција за бојкот на сите оние кои на грбот на сите нас остваруваат енормни, нефер и неетички финансиски профити, велат од таму преку соопштение.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, ја поддржа најавената иницијатива за бојкот на маркетите поради високите цени на производите. Дурмиши нагласи дека Министерството за економија вовело мерки за заштита на стандардот на граѓаните, вклучувајќи замрзнување на маржите на основните прехранбени производи. Министерот додаде дека Државниот пазарен инспекторат ќе реагира доколку се утврди неоправдан раст на цените и ќе преземе мерки за заштита на потрошувачите.
Освен во Македонија и во БиХ граѓаните најавија бојкот на супермаркетите и продавниците за 31 јануари, а слични повици има и во Црна Гора.
Хрватска која веќе организираше протести за големите цени во маркетите е инспирација за овие повици.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа