Утре бесплатен влез во музеите
„Музеи, одржливост и благосостојба“ е мотото со кое утре ќе се одбележи Меѓународниот ден на музеите, 18 Мај, датум што музејските институции во светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден музеите во земјата традиционално ќе ги отворат своите врати и ќе овозможат бесплатен влез за посетителите, ќе поставуваат изложби, ќе организираат промоции, работилници и разни едукативни активности, со цел да го доближат движното културно наследство до што поголем дел од јавноста.
Музеите, освен својот придонес како платформа за размена на идеи и знаења, имаат значајна улога во промоцијата на одржливост и благосостојба, може да инспирираат, да образуваат и да иницираат позитивни промени во разни аспекти на животот за сите нас. Постојат многу начини за музеите да придонесат за постигнување на целите за одржлив развој: од поддршка на климатските активности и поттикнување на инклузивноста до справување со социјалната изолација и подобрување на менталното здравје.
Меѓународниот ден на музеите се одбележува на 18 мај – датум избран на Генералното собрание на Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ во 1977 година во Москва. Целта на одбележувањето е да се насочи вниманието на јавноста од целиот свет кон музејската дејност.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа