УНЕСКО бара Венеција да се додаде на листата на загрозено светско наследство
Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) препорача Венеција да биде додадена на листата на загрозено светско наследство, јавува Си-Ен-Ен.
УНЕСКО ја повика италијанската влада да „обезбеди најголема посветеност“ за решавање на „долгогодишните проблеми“ во Венеција, која со години се бори со прекумерниот број туристи и последиците од климатските промени.
Венеција е едно од 1.157 места кои во моментов се прогласени за светско наследство, а кои имаат „извонредна универзална вредност“ поради нивната културна или природна понуда.
Препораката за ставање на Венеција на листата на загрозено светско наследство ја дадоа УНЕСКО и експертите на советодавното тело во нивната привремена агенда пред 45. седница на Комитетот за светско наследство, што во септември треба да се одржи во Ријад.
Во нацрт-резолуцијата се тврди дека нема „значителен напредок во решавањето на постојаните и сложени прашања поврзани особено со масовниот туризам, развојните проекти и климатските промени“ во Венеција.
Се додава дека овие проблеми предизвикуваат „влошување и оштетување на градежните објекти и урбаните средини, деградација на културниот и социјалниот идентитет и загрозување на интегритетот на неговите културни, еколошки и пејзажни атрибути и вредности“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа